Операторите бараат реални законски решенија за реемитувањето

Операторите кои вршат реемитување преку различни платформи (ИПТВ, кабелски, ДВБТ и сателитски), членки на Здружението на информатичко-комуникациските технологии при Стопанската комора на Македонија, денеска по дискусија за предложените измени на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги најавија дека ќе настапуваат аргументирано и ќе бараат да се најдат реални законски решенија.

За таа цел, како што соопштуваат, ќе бараaт интензивни контакти во текот на идната недела со Министерството за информатичко општество и администрација и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

На дискусијата заклучиле дека операторите кои вршат реемитување работат исклучиво според постојните законски решенија во Македонија. – За тоа сведочи фактот дека ниту еден оператор нема никаква пријава за неправилности во работењето од страна на државните органи, задолжени за мониторинг на работењето на операторите. За истото сведочи и постојаниот 24-часовен мониторинг што го врши Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги каде не се констатирани прекршувања, се вели во соопштението од Здружението.

Дефинитивните ставови за предложените измени на Законот операторите ќе ги објават по одржувањето на планираните состаноци.