ОН предупредуваат на тешка хуманитарна ситуација во источна Украина

Високата претставничка на Обединетите нации предупреди на тешка хуманитарна криза во источна Украина додека судирот во тој регион влегува во шестата година.
„Цивилите ја плаќаат највисоката цена. Повеќе од 3.000 цивили се убиени и речиси 9.000 ранети откако почна судирот во 2014 година“, изјави Урсула Милер, помошничка на генералниот секретар на ОН за хуманитарни прашања.
Интерно се раселени 1.5 милиони луѓе, наведе таа во извештајот на Советот за безбедност на ОН.
„Хуманитарните последици се тешки. Во 2019 година за 3,5 милиони луѓе ќе биде потребна хуманитарна помош и заштита – многу од нив се старци, жени и деца“, вели Милер.
Цивилите долж линијата на фронтот страдаат од физички и емотивни последици од непријателства кои се повторуваат, а често се интензивни. Гранатирањата, снајперскиот оган и нагазни мини станаа секојдневна реалност за милиони луѓе, тврди таа.
„Само во 2018 година забележани се 89 случаи напади на водоводната и санитарната инфраструктура, а во последните 12 месеци 12 работници на водоводната служба се ранети во непријателства и  во експлозии на нагазни мини“, вели Милер.
„Страните во судирот мора да ги преземат  сите мерки на претпазливост кои се во нивна моќ за да се избегнат, или да се минимизираат, штета по цивилите. Меѓународното хуманитарно право мора да се почитува за да се заштитат цивилите и клучната цивилна инфраструктура“, вели Милер.
Нагласи дека повеќе од 60 отсто од Планот за хуманитарен одговор во минатата година не е финансиран. Како последица на тоа, некои цивили кои се во очајна потреба од помош, не се во состојба да добијат храна, вода и да им се овозможат санитарии, здравствена заштита и лекови, како и заштитни служби.
За Планот на хуманитарниот одговор во 2019 година се 162 милиони долари, соопшти Милер.