Околу 30 милијарди евра ќе чини изградбата на транспортните коридори на Западен Балкан

Околу 30 милијарди евра ќе чини изградбата на транспортните коридори на Западен Балкан, изјави денеска бугарскиот премиер Бојко Борисов на отворањето на Инвестицискиот форум на Европакста банка за обнова и развој (ЕБРД) во Лондон.

Тој додаде дека уште околу пет милијарди евра ќе чини изградбата на дигиталната инфраструктура во регионот. Главните коридори кои се во фокусот на денешната средба, се броевите четири, осум и 10.

– Планот, кој го предлагаме, е исклучително прифатлив за секоја една од државите. Кога има такви транспортни коридори, секој главен град ќе може да има пристап до него со железничка линија и автопат и интернет, посочи Борисов.

Бугарскиот премиер информира дека на средбата на лидерите од Западен Балкан со претседателот на ЕК Жан Клод Јункер, која ќе се одржи на 1 март во Софија, ќе бидат претставени сите проекти. Тогаш, секој од шестмината лидери ќе објави како ќе се финансираат тие проекти.

Претседателот на Европската банка за обнова и развој, Сума Чакрабарти на отворањето на форумот истакна дека ЕБОР ќе продолжи да ги поддржува прекуграничните проекти во Западен Балкан.

Уште денеска ќе се потпише Меморандум за финансирање на проектот Ц-5 за следните неколку години. Банката исто така ќе го поддржи завршувањето на транспортните коридори осум и 10. Исто така работиме на железничкиот проект, инфраструктура која ќе ја поврзе Бугарија со Република Македонија.

Претседателот на ЕБОР додаде дека се работи за така наречената „Магистрала на мирот” – Србија, Бугарија, Романија – Србија, Косово и Македонија.

– Пред неколку дена беше потпишан договор за финансирање на 38,5 милиони евра поврзани со овој проект, информира Чакрабарти.

Претседателот на ЕБОР додаде дека со ТАНАП се потпишани договори за финансирање на проектот ТАП. На овој начин каспискиот гас може да помине низ Балканот и Западна Европа. Според него, освен изградба на потребната инфраструктура во регионот, треба да се создадат неопходните услови за единствен инвестициски пазар, кој вклучува усогласување на правилата, тарифите, обезбедување на потребните услови за олеснување на странските инвестиции.

– Сето ова ќе придонесе за развојот на економската област на Балканот. Банката секогаш се стреми кон практични решенија, истакна Чакрабарти.

Предвидено е и формирање на берза за поврзување на балканските земји.

Тоа е трет форум посветен на Западен Балкан.