Од Шведска за Македонија со срце: Донација вредна 300.000 евра за делчевската болница

На граничниот премин „Делчево“ денеска пристигна донација од Шведска вредна 300.000 евра што е наменета за здравствениот дом „Гоце Делчев“ во Делчево. Активноста е иницијатива на хуманитарната организација „Хенд тил хенд“ од Стокхолм.
„Со оваа донација техничкиот капацитет на Здравствениот дом во Делчево во голема мера ќе се зголеми. Од друга страна сите инструменти кои се дел од донацијата ќе бидат достапни за нашите граѓани кои овде ќе можат да извршат одредени медицински услуги и со тоа да го одбегнат патувањето во центрите во Кочани, во Штип или во Скопје. Огромна благодарност до донаторите Кралството Шведска како и до самите чинители кои помогнаа оваа донација да стигне во Делчево, тоа се невладината „Хенд тил хенд““ како и стручниот соработник на локалната самоуправа“, рече Горан Трајковски, граноначалник на Делчево.
Ова е 14. донација на невладината организација од Шведска на територија на Република Македонија.
„Ние носиме донација со опрема за болницата во Делчево што се состои од медицинска опрема, рентген и друг вид на апарати, болнички кревети, разни помагала и постелнина. Донацијата е во вредност од 300.000 евра и за да ја донесеме овде имавме голема поддршка од градоначалникот Трајковски и неговите соработници и се надеваме дека и понатаму ќе имаме успешна соработка“, рече хуманитарката Марија Русенгрин.
Во знак на благодарност и одличната соработка, градоначалникот Трајковски на претставниците на шведската невладина организација им додели плакета.