Од туризмот годинава се очекуваат 390 милиони евра

Македонија ќе ја посетат 1,2 милион туристи, кои ќе направат 3,2 милиони ноќевања и ќе донесат девизен прилив од 24 милијарди денари (390 милиони евра), очекува Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот за годинава. Дека расте интересот на странците за Македонија, покажува и растот од 26,5 проценти на девизниот прилив од туризмот само во првиот квартал годинава споредено со истиот период лани. Од јануари до јуни годинава веќе се регистрирани над 923 илјади ноќевања на над 433 илјади туристи, што е раст од 16,4 отсто по бројот на туристи. Лани во земјава дошле речиси еден милион странски туристи, со 2,8 милиони ноќевања.

Најпосетувани се и натаму Скопскиот и Охридскиот Регион, каде што гравитираат 65 отсто од туристите.

За запознавање на туристите со убавините што им ги нуди земјава, Агенцијата испечатила 36.000 примероци од водичи, кои се однесуваат на различни региони, манастири, препознатливи локалитети, објекти и настани. Напишани на македонски, водичите се преведени на повеќе странски јазици. Меѓу промотивните материјали има и брошура за храната и виното од Македонија, која треба да прерасне во гастрономски водич.

Поврзувајќи ги спортските активности со туризмот, Агенцијата информираше дека го поддржала уредувањето на полетиштето за параглајдинг во Крушево, со поставување вештачка трева заради зголемување на безбедноста и исполнување на стандардите за одржување на меѓународни натпревари.

„Очекуваме годинава во Крушево да има 100.000 ноќевања“, рече Јаневски.

Агенцијата најави дека ќе ги уреди и локациите за алпинистичко качување на Матка, Демир Капија, Лешница и Остра карпа. Во делот на културниот туризам, во завршна фаза е проектот кој треба да ги мапира поважните точки на патот Виа Игнација, со 13 инфо-табли.

„Агенцијата и оваа година продолжи со финансиска поддршка на 21 манифестација со буџет од 1 милион денари. Целта е да се привлечат што повеќе гости преку зголемување на професионалноста во организирање на настаните“, објасни Јаневски.

Поттикнување на туристите да дојдат во Македонија ќе се прави и со фејсбук-кампањи во 12 до 14 земји. А, за да се надмине еден од горливите проблеми кој ги одвраќа туристите, нехигиената и ѓубрето, Јаневски вели дека ќе испланираат едукативни сесии во туристичките центри.

„Очекувам сите засегнати страни, посебно општините, да се насочат кон спроведување кампањи за подигнување на јавната свест. Очекувам дека за 5 години во Македонија ќе имаме и прв хотел со зелена ѕвезда, кој ќе работи пријателски кон природата“, вели Јаневски. (А.С.)