Од следниот март заедничко царинење со Србија на преминот Табановце

Македонија и Србија од март следната година ќе воспостават заедничко царинење на граничниот премин Табановце.

Ова беше најавено денеска на почетокот на неформалниот состанок на претставници на царинските служби од Западен Балкан што се одржува во Скопје, а на кој ќе се разгледуваат моделите и можностите за поврзување на земјите и забрзување на царинските постапки, а како дел од иницијативата за економско поврзување на шесте земји од Западен Балкан процес кој треба да заврши до 2023 година.

– Граничниот премин Табановце на македонско-српската граница се очекува да биде завршен во март следната година и тогаш се очекува да се почне и со заедничко царинење, рече директорот на Царинската управа на Република Македонија Ѓоко Танасоски пред почетокот на состанокот.

Покрај заедничко царинење на делот за патнички сообраќај, се очекува и забрзување на реконструкција и на железничката станица Табановце и создавање услови за вршење на заедничко царинење и во делот на железничкиот сообраќај.

Она што ќе се договри на овој состанок, според премиерот Зоран Заев, ќе го олесни протокот на стоки, услуги, капитал и на високо квалификувана работна сила.

– Застанување зад заедничките стандарди што ги бараат еворпските инвеститори и од светот за регионот ќе значат нови вработувања, мотивирање на младите да работат и живеат во родните земји и посебна конкуреност, рече премиерот и додаде дека со тоа ќе се постигне придвижување на растот на претпријатијата, платите, стандардот и целокупната економија.

Порача дека за да се постигне рамнотежа на царинските постапки, контролните методи понатаму мора да се модернизираат и да се зајакне сопработката помеѓу регионалната царински служби.

Владите, истакна, ја поддржуваат идејата за поедноставување на царинската постапка за, како што рече, да ги прекинеме оние редици на камиони преку можноста на заедничко царинење преку еден царински терминал.

Порача дека Владата ќе остане посветена на регионалната соработка и оти ќе придонесуваат во поддршката за подлабока соработка меѓу царинските админситрации на регионот и зајакнување на нивниот сеопшт капацитет со цел да се оспособат да се соочуваат со предизвиците и да ги исполнат приоритетите што се поставени за интеграција на регионот во ЕУ.

Министерот за финансии Драган Тевдовски потенцира дека регионот на Западен Балкан за да биде област каде стоките, услугите и инвестициите се движат слободно и каде полесно се води бизнисот, од големо значење е институционално зајакнување на Царинската управа, како и зајакнување на законската рамка како дел од реформите што се предвидени со Програмата за управување со јавните финансии 2018-2020.

Меѓу мерките што се планирани го наведе продлабочувањето на царинските услуги и постапки преку зајакнување на оперативните капацитети со цел зголемуивање на квалитетот на контролите и навремената реакција и понтамошно поедноставување на постапките.

– Царинските служби ќе одиграат значајна улога во реализацијата на активностите за создавање регионална економска област преку натамошно забрзување на процедурите, како на државно, така и на регионално ниво, рече Тевдовски.

Состанокот во Скопје се одржува денеска и утре, а целта е да се разговара за предизвиците со кои се соочуваат царинските служби во регинот.