На линијата „5“ ќе вози мерцедесов автобус на гас

Од понеделник на линијата „5“ ќе почне да вози автобус на гас произведен од Мерцедес Бенз. Автобусот од Ново Лисиче до Ѓорче Петров ќе сообраќа два месеца и тоа практично ќе биде пробен период за да градските власти ги увидат ефектите од користење ваков тип на автобус. Тој ќе му биде отстапен на Град Скопје на бесплатно користење, за што денеска беше и официјализирана соработката помеѓу Градот и Мак Аутостар, дилери на германските возила.

Станува збор за енергетски ефикасен автобус, наменет исклучиво за јавен превоз, со намалена потрошувачка на гас. Споредено со потрошувачката на старите дизел – автобуси, овој автобус троши речиси 50 отсто помалку гориво, што дополнително би ги намалувало трошоците на ЈСП. Најголемата предност на овој автобус е тоа што емитува значително помалку ЦО2 и речиси воопшто не го загадуваат воздухот.

„Скопје заслужува автобуски превоз кој нема да загадува, ќе биде енергетски ефикасен и кој во целост ќе излезе во пресрет на потребите на граѓаните коишто го користат. Минатиот месец потпишавме договор за пробно користење на електричен автобус за период од шест месеци, наменет за линија ‘15‘. Ова се одлични можности кои ќе не збогатат со нови искуства, што понатаму ќе можеме да ги користиме во планирањето на модернизацијата на јавниот градски превоз. Наша заложба е креирање јавен транспорт кој е економски ефикасен и не го загадува воздухот“, истакна Шилегов. Најави дека до крајов на годинава Град Скопје најверојатно ќе набави 20-30 нови возила. Од каков тип, тоа ќе биде утврдено откако ќе се направат анализи од сите автобуси кои ќе се тестираат наредниов период. (Д.Т.Д.)