Одобрено обвинението против Ивона Талевска


Совет за оценка во  скопскиот Кривичен суд го одобри обвинителниот акт за предметот на Специјалното јавно обвинителство наречен „Тифани“, а кој се однесува на Ивона Талевска, јави порталот „ПРАВОСУДСТВО.МК“.
„Судија за оценка на обвинител акт при Основниот суд Скопје 1- Скопје донесе решение со кое приговорите се одбиваат, а обвинението се одобрува во целост. Откако, по одобреното обвинение, ќе биде оформен кривичен предмет, распределен кај судија за понатамошно постапување и  главна расправа, судот дополнително ќе ја информира јавноста“, се вели во соопштението лиферувано од Кривичниот суд.
Како што е веќе познато во случајот „Тифани“, што се однесува на  затајување на данок, е обвинета Ивона Талевска. Имено, таа се товари дека од 2008 до 2014 година, со намера да се избегне плаќање данок, давале лажни податоци за пресметка на данок.
Уште при презентација на случајот „Тифани“ од СЈО беше кажано дека Талевска купила долна облека во вредност од 500 евра, друга облека за повеќе од 33.500 евра, мејк-ап за 1.009 евра, луксузен мебел, сигурносни врати, велосипеди и чанти. Со набавките фирмите на Талевска не платиле данок од 37.634 евра, а таа самата уште 16.924 евра.