Одмаздата на мртвите великани


Ерол Ризаов

Во Музејот на Град Скопје, заедно со мнозина убави луѓе, градски продуховени ликови, познати јавни личности, во вторникот бевме непосредни сведоци на одмаздата на двајца починати великани, Славко Јаневски и Томе Серафимовски, за неправдата што им беше нанесена од една тиранија и од еден режим. Нивното повторно откривање пред јавноста беше „одмаздата“ која не беше крвожедна, туку студено сервирана, без злоба и без грам лошотија. Возвраќањето на ударот беше со убавина и со замолница, како последен повик да не го обезвреднуваме вредното, оти ни треба како насушен леб нам, на живите и на поколенијата што доаѓаат. На нив, на Јаневски и на Серафимовски, таму кај што се, ништо не им треба. Тие си ја завршија работата беспрекорно. Она што го видовме на несекојдневната изложба е само мал дел од тоа со што нè задолжија двајцата исклучителни творци и личности.

Во големината и безвременска убавина на нивните дела е одговорот до џелатите кои им пресудија без да им дадат право да се бранат. Двајцата дејци на македонската култура беа прогласени од политичка инквизиција и од партиски шарлатани за предавници и кодоши, без право на одбрана на својата чест. Таа ужасна анатема врз десетици познати научници, писатели, јавни личности, сите заслужни граѓани, она што се случи во Македонија, тие што го смислија и направија ова затемнение, го викаат, замислете, просветление. Тие мрачни сили, иако поразени и ден-денес ја притискаат Македонија да биде темен вилает, да остане закована на балканската калдрма, да не мрдне од батакот ни чекор напред.

Едниот покоен и одамна во прав, другиот уште додека беше жив беа жигосани од режим што ја зароби земјата цела една деценија во 21 век. Ние кои сме сведоци на ова злодело мора оваа голема срамота и неправда да не дозволиме да се заборави и грешниците да останат неказнети наметнувајќи ни колективна амнезија. Света должност ни е да сведочиме, не на страната на тие што прават историја, туку на страната на тие што страдаат од таа историја, дури и кога би била вистинска и автентична, а не лажна и подла во битките за власт и богатства. Затоа секоја средба со творештвото на великаните Славко Јаневски и Томе Серафимовски, двајца современици и големи другари, носи возбуда и длабока размисла за нас простосмртните, без оглед дали е тоа гледајќи ги нивните слики и скулптури, читајќи ги нивните книги во осама, или судрени со нивните дела шетајќи низ светските метрополи и нашите градови, или листајќи истории на уметноста, или одговарајќи на испит пред строгиот професор, рецитирајќи стихотворба во детските училишни клупи, или гледајќи ја нивната грандиозна оставина во библиотеките и во музејска тишина посветена на својот народ…

Потсетувањето на Јаневски и Серафимовски не е во нивна одбрана, не е ни осуда на злосторството што им е нанесено од бездарници, примитивци, извршители на политички калкуланти… Нивните дела ги бранат нив подобро од сите нас. Почитта на нивната уметност е враќање на гордоста која нè заштитува нас од тиранија, од изолација и од исчезнување. Тоа е најдобрата превентива од бескрупулозните политичари во нивните битки за власт. Јаневски и Серафимовски одамна се запишани во пантеонот на Македонија меѓу дејците кои татковината ги препознава, иако тој пантеон во реалноста не постои. Но тие букви не можат да ги избришат ни најзлогласните диктатури и тирани, оти се запишани во свеста на луѓето.

Со зборови и стихови, со бои, со глина, со мермер и бронза, овие наши дејци, како и цела плејада нивни современици и предци, праќаа чудесно убави и значајни пораки и опомени до нас, тогаш идните многу надежни поколенија. Дали ги слушнавме и разбравме. За жал, ќе мора да кажеме – НЕ. Не ги ни слушнавме ни разбравме иако пораките се кристално јасни. Тоа и денес ни се случува кога повторно сме соочени со делби и омраза, колебајќи се по кој пат и во кој правец да тргнеме.

Славко Јаневски ни го подари првиот роман напишан на македонски јазик и ни остави творештво кое не беа го прочитале никогаш неговите инквизитори, оти да беа го прочитале ќе се најдеа себеси таму. Јаневски ги открил многу одамна дека ќе дојдат по него. Ако го прочитаа тоа, ќе вадеа ли нож на покоен деец кој ја задолжил татковината милион пати повеќе од нивните наредбодавачи.

Неслучајно еден од најавтентичните и најубавите портрети на Серафимовски е токму портретот на Славко Јаневски. Познавањето на неговата личност, нивното долгогодишно пријателство може да се направи препознатливо само со една брчка од челото на Јаневски, но ако е извајано од рацете на Серафимовски.

Славко Јаневски го научил сликарскиот занает сам од бога даден. Пленуваат неговите слики како да се од рацете на големите ренесансни мајстори. Допрва треба да се вреднува праведно ова творештво, кое не е хоби меѓу пишување на две книги, туку сериозен и силен мотив на еден сестран уметник. Кога ќе се видат сликите на Јаневски, станува појасно зошто неговите чуда, миракули на грозомората, неговите романи и песни се на јазик кој е тешко достижен во македонската литература. На Јаневски како да му биле малку сите зборови и јазици на светот, па тие што му фалат ги пишувал во слики. Неговите дела треба да се читаат, препрочитуваат и гледаат откако ќе се земе абдест, откако ќе се измијат рацете и ќе се искаже световна молитва во знак на благодарност што небото ни подарило таков творец, кој да беше роден на други меридијани одамна ќе беше нобеловец.

Деновиве во татковината одново врие, омразата и национализмот ги разрануваат старите незалечени рани, повторно делби меѓу Македонците и на Македонците со сите други кои со векови живеат на ова парче земја. Пак слушаме лоши зборови и кавги со сите комшии, со светските економски гиганти и велесили. Тоа се истите тие мрачни подземни криминогени сили кои непрестајно ја лустрираат Македонија барајќи непријатели и гаснејќи ги светлата и патоказите кои ја покажуваат нејзината европска иднина, идеал на сите балкански народи, од кои половината веќе стасаа на целта. Сите нè претркаа што беа далеку зад нас. Дефинитивно, остануваме последни и осамени на Балканот испуштајќи ја најголемата историска шанса, овој пат недопрени од никого, туку од самите, од тие моќници што седат на обвинителна клупа и сакаат да ја одбегнат правдата за своите злодела. Македонија останува на Балканот уште извесно време да расчисти со себе, или ќе оди во Европа или ќе се распадне. Ќе исчезне.

Го слушам и се срамам од туѓ срам, како лидерот на македонската мрачна колона Христијан Мицкоски го прогласува за победа минирањето на мостот кон Европа, цитирајќи го големиот македонски народен мислител, научник и творец на македонскиот литературен јазик, Блаже Конески. Го викаат криминалците на помош Конески да ги брани, а не знаат да повторат ни две реченици точни како што ги кажал македонскиот гениј. Го викаат да ги брани Конески, кој носителот на кампањата за бојкот на иднината на Македонија, Антонио Милошоски, го нарече џуџето од Небрегово. На тие ли треба да им се верува уште на патриотизмот и на нивната македонштина, на тие што ги сотреа, уништија и ликвидираа сите вредности на Македонија во изминатите сто години.