Одбиена понудата на Роналдо, делото за затајување данок во Шпанија продолжува

Министерството за финансии на Шпанија одби да го прифати предлогот на Кристијано Роналдо за медијаторско решение и веројатно ќе покрене постапка за даночно затајување во висина од 14,7 милиони евра.

Според „Ел Мундо“, Португалецот понудил околу пет милиони евра за да се договорат двете страни без да одат на суд. Надлежните органи го оцениле износот како недоволен имајќи предвид дека неплатените даноци на играчот се речиси три пати повисоки.

На тој начин ќе продолжи истрагата и собирањето на податоци за приходите на играчот.

Скандалот избувна минатото лето кога Роналдо одби да се изјасни за виновен. Тој веќе долго време е испрашуван од страна на обвинителите во Шпанија, но договор во оваа фаза нема да биде постигнат.

Според информациите во шпанскиот печат, дел од износот за можниот договор со трезорот ќе биде преземен од Реал Мадрид. Развојот на случајот зависи од потпишувањето на новиот договор на Роналдо.