Огласот за членови на ДИК стигна на дневен ред

Огласот за избор на членови на ДИК се најде конечно на дневен ред во парламентот. Одлуката за негово распишување треба да ја донесат пратениците на седницата што почнува утре, а на чиј дневен ред се уште две точки – односно предлозите за нови министри во ресорите култура, здравство и правда, како и за избор на неколку нови заменик-министри, а во рамки на реконструкцијата на владиниот кабинет.
Со оглед на тоа што меѓу партиите постои консензус за избор на нов состав на Државната изборна комисија, не се исклучува огласот да биде ставен како прва точка и да биде изгласан без дискусија. Според политичкиот договор и неодамнешните измени во Изборниот законик, ВМРО-ДПМНЕ треба да предложи двајца кандидати за членови на ДИК од кои еден за претседател на Комисијата, третиот опозициски член, пак, би бил од опозициска партија во албанскиот блок – веројатно Алијансата за Албанците, со оглед на нетрешениот статус на Беса. СДСМ и ДУИ треба да номинираат четворица кандидати од тие што ќе се пријават на огласот, а еден од нив ќе биде потпретседател на ДИК.
Овој состав на Комисијата ќе има мандат од само шест месеци, односно додека не се донесат нови измени во изборната регулатива со кои ќе се предвиди и друг концепт на Комисијата.
Според огласот, кој ќе трае осум дена од објавувањето во „Службен весник“, за претседател, потпретседател и членови на ДИК може да конкурираат државјани на Македонија со живеалиште во земјата, кои имаат завршено високо образование и не се членови на орган на политичка партија, за што треба да се достави изјава заверена на нотар.
ДИК се „испразни“ уште пред шест месеци, кога осум од вкупно девет членови, според претходниот модел на Комисијата, во декември минатата година поднесоа оставки поради скандалот со високите нмадоместоци за последните изборни циклуси, што го обелодени американскиот амбасадор во Скопје Џес Бејли.