ОБСЕ загрижени за мерките на САД и Русија кон медиумите
Претствникот на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) за слобода на медиумите Арлем Дезир денеска изрази загриженост поради низата мерки на САД и на Русија, со кои бараат од медиумите од други држави да се регистрираат како „странски агенти“.
– Апелирам и САД и Руската Федерација повторно да размислат и да се воздржат од барањата медиумските ентитети да се регистрираат како „странски агенти“, како и да не преземаат понатамошни чекори, истакна Дезир, додавајќи оти е подготвен да им помогне на Вашингтон и на Москва да ја решат таквата ситуација во согласност со своите обврски за слободата на медиумите.
Тој истакна дека барањата за регистрација на новинарите како „странски агенти“ ќе наметнат дополнителен административен товар за медиумските организации и ќе ги стигматизираат медиумските куќи и нивните новинари.
– Земјите членки на ОБСЕ доброволно се обврзани, согласно Хелсиншкиот завршен акт од 1975 година, да го олеснат слободното ширење информации од секаков вид, да ја охрабрат соработката на сите полиња на информирање и размена на информации со другите земји, како и да ги подобрат условите за работа на новинарите, кои работат во друга држава. Нарекувањето на медиумските ентитети „странски агенти“ е опасна пракса, бидејќи може да го стесне просторот за слобода на медиумите, посочи Дезир.
Американското Министерство за права во текот на неделата побара од компаниите кои работат за „Раша тудеј“ да се регистираат во согласност со Законот за регистрирање на странски агенти, а како одговор од Москва, Државната дума вчера го измени законот за медиуми, дозволувајќи им на властите одредени медиуми да ги наречат „странски агенти“. Така повеќе медиуми поврзани со САД, меѓу кои и „Гласот на Америка“ и „Радио Слободна Европа“ добија известување од руското Министерство за правда да се регистрираат како странски агенти“.