Обрадовиќ: Ги продолжуваме протестите

Клучната порака и лекцијата од тримесечните протести е дека Вучиќ може да падне само ако е притиснат. Преку институциите, ние повеќе не можеме ништо повеќе да сториме. Не функционира ниту Уставниот суд ниту Националното собрание, ниту полицијата и судовите и единствениот начин за да се избориме е да одиме преку вониституционален пат, изјави еден од лидерите на Сојузот за Србија (СзС) и лидер на Двери, Бошко Обрадовиќ на прес-конференцијата во Чачак.

Тој оцени дека е „алармантен“ повикот што српскиот претседател Александар Вучиќ го испрати до своите членови во неделата да се соберат пред партиските канцеларии во сите градови во Србија и да бидат подготвени да одат за Белград за да се „пресметаат“ со демонстрантите кои беа пред Претседателството Србија, каде се наоѓаше Вучиќ.

– Овој момент можеби е најдраматичен во поновата историја на Србија, бидејќи првпат еден политичар на власт ги повика своите приврзаници да влезат во еден вид граѓанска и во братоубиствена војна. Се надевам дека до ова нема да се дојде, рече Обрадовиќ.

Во опозицискиот весник „Данас“ денеска се огласи и лидерот на Народната партија (НС) Вук Јеремиќ, кој изјави да „откако граѓаните влегоа во РТС и се собраа пред српското претседателство, Вучиќ се чувствува загрозен, бидејќи неговата власт досега се темелеше на страв, а сега се покажа дека не е семоќен и дека не може да и се спротивстави на опозицијата и граѓаните, ако тие се единствени и решени да одат до крај“.

– Протестите се преселија на повисоко ниво и нема повеќе назад. Вучиќ на крајот ќе мора да ги прифати разговорите за РТС, ослободувањето на медиумите и да распише фер избори, што е најбезболниот модел за промена на овој катастрофален систем. Овие преговори мора да бидат под будно око на јавноста, истакна Јеремиќ.

Инаку Србија е во исчекување на аболицијата на претседателот Александар Вучиќ, најавена од провладините медиуми, што ќе влијае на натамошните чекори на опозицијата и на протестите.

Министерот за внатрешни работи Небојша Стефановиќ денеска за ТВ Пинк изјави дека „би можел да го разбере српскиот претседател ако најде причини за аболиција за оние што се изманипулирани“, но не и за оние „кои ги напаѓаа полицајците и имаа ножеви и електрични пили“, оценувајќи дека полицијата интервенирала со цел да се сочуваат животите и имотот.

Претседателот на прекршочниот суд во Белград, Милан Мариновиќ за РТС изјави дека пет лица се наоѓаат во затворот Падинска Скела на издржување казна од 30 до 60 дена, поради кршење на јавниот ред и мир во група. Адвокатите на осудените демонстранти изјавија дека врз „политичките неистомисленици е спроведен закон воведен против навивачите хулигани“.

Од опозицијата изразија протест за апсењето на десетте ученици и студенти, како и дека сето ова е „под влијание на Александар Вучиќ, кој е и полицаец и обвинител и судија и кој одлучува да се апсат деца, а не оние кои се одговорни за протестите. Тие му одговорија и на вчерашниот повикот за дијалог на Вучиќ со граѓаните.

– Тој не сака да разговара со опозицијата, сака да разговара со граѓаните, но не со сите граѓани и не со претставниците на протестите „Еден од пет милиони“, туку само со оние кои самиот би ги избрал, посочи претседавачот на СзС и лидер на Демократската странка Зоран Лутовац.

Од опозицијата најавија дека го чекаат Вучиќ да ги ослободи приведените, а во спротивно решени се да ги интензивираат протестите, без да прецизираат на кој начин и кога ќе го направат тоа.

Српските и странските новинарски здруженија, како и Европската Радиодифузија (ЕБУ) изразија загриженост за упадите на демонстрантите во РТС и ги повикаa двете страни на дијалог.

Од друга страна, српската телевизија Н1 објави дека поради нивното информирање за време на протестите, се повеќе се цел на закани од страна на власта и таблоидите.

Денес опозициските одборници од собранието на град Ниш се приклучија на бојкотот на опозицијата на седниците на градовите во Србија.

За утре се најавени протести во Гроцка против претседателот на општината, Драгољуб Симоновиќ, кој го наредил палењето на куќата на новинарoт Милан Јовановиќ, а најавени се и протести против провладината ТВ Пинк и повторно против РТС.