(Обновено) Дрво ќе никне на местото на Ќосето

Дрво гинко, кое е симбол на човековите права, ќе никне на местото на споменикот на Андон Лазов Јанев-Ќосето, кој Град Скопје го отстрани ноќеска со образложение дека е дивоградба. Дали и кои други споменици од „Скопје 2014“ се дивоградби и ќе бидат урнати или дислоцирани, градоначалникот Петре Шилегов денеска не посочи. Истакна дека меѓуресорска комисија на Министерството за култура, Општина Центар и на Град Скопје работат и како созреваат правни ситуации така ќе се преземаат соодветни акти.

„Во Скопје нема да се толерира незаконитоста и недозволеното постапување. Започнува справувањето со проектот ‘Скопје 2014‘. Сите досегашни самоволни активности на претходните власти во градот ќе бидат соодветно законски третирани. На ова место, пред Судската палата, ќе биде засадено дрво посветено на човековите права со изгравирана плочка донирана од збратимениот град Нирнберг на која ќе биде испишан текстот од членот 10 од Декларацијата за човекови права на Обединетите нации. Тој член гласи: ‘Секој има потполно еднакво право на праведно и јавно судење пред независен и непристрасен суд, при одредувањето на неговите права и обврски и во услови на какво и да е кривично обвинение против него’“, изјави скопскиот градоначалник.

Појасни дека градежниот инспекторат на Општина Центар извршил увид на фактичката состојба и утврдил дека инвеститорот, односно Градот Скопје, нема решение за поставување споменик на Ќосето. Споменикот е однесен во магацините на „Металски завод – Тито“, и Град Скопје ќе го извести донаторот во рок од 30 дена да си го земе. Постаментот, бидејќи е дивоградба, ќе биде урнат.

Шилегов објасни дека споменикот бил отстранет рано утрово заради безбедноста на сообраќајот, односно да не се блокира сообраќајот на крстосницата кај „Мавровка“, како и нормалното работење на судот. (Д.Т.Д.)