Обид за враќање на музичките критериуми

Изготвена е иницијатива на неколку музички уметници за повторно рестартирање и ревитализација на Музичката продукција при Македонската радиотелевизија. Предлагачи за заживување и повторно враќање на музичките критериуми како претставници на МРТВ, АВМУ и МИОА се Кире Костов, Будимка Имери, Љупчо Мирковски, Живојин Глишиќ и Славе Димитров. Владата ја прифати оваа иницијатива, а Министерството за култура како надлежно во оваа област вчера ја организираше првата јавна расправа на која, покрај предлагачите присуствуваа голем број на музичари, текстописци, композитори…

Универзитетскиот професор Живојин Глишиќ вели дека како прв чекор потребно е постојан ангажман на Биг-бендот, како и обновување на оркестрите што порано постоеле. Тој вели дека МРТ во минатото ги диктирала критериумите за квалитет и промоција на македонската музика, а сега за презентација на музичкото творештво Македонија има најниски стандарди.

– Денешните млади музичари работат во приватни студија, на иницијатива на автори кои тоа главно го изведуваат на аматерски начин. Дојдоа генерации што не знаат за некогашната Музичка продукција на МРТ и кои не успеале да ги слушнат вредностите направени додека таа постоела. За жал, неоправдано е укината, а со тоа се направени огромни штети. Непостоење развој на музичкиот кадар и на творештвото во сите жанрови. Музичката продукција падна на многу ниско ниво. Фигурира некако, но не е во ситуација да го продуцира сето она што е потребно да ги задоволи критериумите – не само во популарната и традиционалната музика. Сме изгубиле контакт со творештвото од областа на џезот, сериозната музика, детската песна. Сите тие елементи се многу значајни за музичката култура и културата воопшто во државата, рече Глишиќ и додаде дека особено во делот на детски песни е збележителен падот на квалитетот и во однос на музиката и во однос на текстоиве кои им се даваат на децата да ги пеат.
Министерот за култура Роберт Алаѓозовски смета дека со оваа иницијатива може да с еподигне квалитетот на композициите и дека идејата за рестартирањето ќе резултира со развој и одржливост на домашната музика.

– Ќе се отвори простор и транспарентни процедури за создавање нови, крупни музички дела, како и за претставување на нашите најистакнати уметници и ансамбли. Досегашниот модел во МРТ на финансирање песни преку Законот за поддршка на домашната музичка продукција покажа многу грешки и беше злоупотребен, па наместо да се поттикне, продукцијата сериозно се ослаби. Ние сакаме квалитетна музика, која ја негува нашата музичка традиција, но и нови форми на современиот музички звук. Сакаме тоа што се произведува да биде спакувано квалитетно и да биде производ кој ќе ја шири поуспешно приказната за уникатните вредности на ова музичко поднебје, рече Алаѓозовски.

Советничката за култура на премиерот Зоран Заев, Цветанка Ласкова, посочи дека со овој чекор во фокусот се авторите и валоризирањето на нивнот труд, но дека Владата ќе стимулира музичко творештво со врвен квалитет.

– Идејата за повторно активирање на Музичката продукција на МРТ е прифатена без никакво двоумење. Таа треба да претставува важен дел од музичката култура и дел од националните стратешки пристапи во зачувување, поттикнување и производство на нови музички содржини од домашни автори и различни музички жанрови..Досегашниот модел во МРТ покажа многу грешки и беше злоупотребувн за купување политичка послушност на уметниците и замре продукцијата која ни создаваше трајни вредности – рече Ласкова.

Иницијативата за рестартирање на Музичката продукција при МРТ е добредојдена, но покрај јавните расправи околу детализирањето на предлозите ќе биде формирана и посебна комисија која ќе работи на проблематиката.