Обвинителство: Газдата на менувачницата ги убил ограбувачите во нужна одбрана

Основното јавно обвинителство ја отфрли кривичната пријава од полицијата против сопственикот на менувачницата во Кисела Вода, кој во ноември минатата година уби двајца разбојници што сакаа да го ограбат. Според Обвинителството, станува збор за нужна одбрана.

„Пријавениот, инаку сопственик на менувачницата, со пиштол кој го поседувал со дозвола, лишил од живот две лица кои насилно влегле, му се заканиле вооружени со пиштоли, му нанеле повеќе удари во пределот на главата и грбот и се обиделе да извршат кривично дело разбојништво во менувачницата. Во текот на постапката, меѓу другите докази, беше прибавен и вешт наод и мислење за пресметливоста на осомничениот, во кое беше констатирано дека тој бил психофизички здрав и пресметлив, но дека во критичниот момент кај него се развил интензивен страв за сопственото здравје и живот, кој кулминирал кога двете лица влегле зад пултот на менувачницата и започнале да вршат физичко насилство врз него. Од анализата на сите докази прибрани во текот на постапката, надлежниот јавен обвинител оцени дека осомничениот немал претходно формирана намера некого да лиши од живот, туку делувал исклучиво во нужна одбрана, со цел да го заштити својот живот, своето здравје и имот. Притоа, одбраната била преземена во истиот момент кога бил и нападот и таа е сразмерна на нападот, со што се исполнети елементите на институтот – нужна одбрана, кој не дозволува лицето да биде гонето за кривично дело убиство“, соопшти ОЈО.