Обвинителство: Во комбето се стиснале 23 мигранти

Јавен обвинител од Радовиш вчеравечер изврши увид на местото каде што се случи сообраќајната несреќа во која загинаа двајца мигранти. До несреќата дошло кога ТМВ „Ивеко“ со скопски регистарски таблички, со кое илегално се превезувале 23 мигранти од Бангладеш и од Шри Ланка, движејќи се на магистралниот пат А-4 во правец од Радовиш кон Штип, излетало од коловозната лента и со предниот дел удрило во метална ограда од надвозник.

„Од ударот металната ограда се скршила и го пробила возилото навлегувајќи и во товарниот простор од истото каде биле сместени мигрантите. При тоа две лица починале, шест се здобиле со тешки телесни повреди, а 15 лица со телесни повреди. По несреќата, возачот на возилото се упатил во непознат правец“, потврдуваат од Обвинителството.

Надлежниот јавен обвинител издаде наредба за вршење технички преглед на возилото, обдукција врз телата на починатите, како и идентификација на останатите мигранти.

„При увидот фиксирани се пронајдените траги, местото на настанот е скицирано и фотографирано, извршен е преглед на оштетувањата на возилото со кое се пренесувале миграните и подигнати се траги од биолошко потекло. По пружената медицинска помош дел од лицата се сослушани и сместени во прифатниот центар во Гази Баба, а дел задржани на болничко лекување во ЈЗУ Клиничка болница Штип“, рекоа од ОЈО.