Обвинителството го следи случајот со Ева Крстаноска

Јавното обвинителство го следи случајот со Ева Крстаноска, девојчето кое боледуваше од леукемија и не успеа да замине на лекување надвор од државата. Во меѓувреме, семејството обвини дека државата го убила детето, а од ФЗОМ одговараат дека работеле законски.
„Основното јавно обвинителство Скопје интензивно ги следи сите информации поврзани со настанот. Доколку се утврдат елементи на сторено кривично дело, обвинителството ќе постапува“, велат од таму.
Упатени посочија дека Обвинителството мора поактивно да се вклучи, со оглед на тоа дека има дете кое изгуби животот и семејство кое јавно изрази сомнеж во процедурите преземени од институциите.

Откако таткото на Ева потврди дека има понуди за нејзиното лекување од германски болници во Гисен и во Диселдорф, од ФЗОМ уверуваат дека тие понуди не се добиени ниту се презентирани во Фондот од страна на барателот. „Независен весник“ вчера ги објави дописот од лекарот во болницата во Гисен, кој кажува сума за лекување од 200.000 до 300.000 евра, и профактура од болницата во Диселдорф на сума од 420.000 евра.
„Понудата од болницата во Диселдорф што е презентирана во јавноста, воопшто не била ниту доставена ниту презентирана во Фондот. Дополнително, писмото од болницата во Гисен до семејството на Ева е само информативно електронско писмо, кое нема конкретни елементи на понуда. Комисијата не можела да земе предвид при одлучувањето за избор на лекувањето, понуда која не е презентирана. Фондот ја разбира желбата на родителот, како и на сите родители за лекување на нивните деца каде што тие сметаат дека е најдобро, но Фондот работи во рамките на законските прописи и процедури кои ги вклучуваат двете лекарски комисии (првостепена и второстепена) составени од 14 еминентни медицински стручњаци. Нивна задача е да ја изберат најсоодветната понуда за секој барател што бара лекување во странство базирано на здравствената состојба, како и на критериуми на солидарност и правичност за сите осигурени лица подеднакво“, соопштија од ФЗОМ.

Оттаму велат дека побарале понуди од 22 странски болници, меѓу кои и болниците од Гисен и од Диселдорф. Понуди по барањето се добиени од „Медикал парк“- Истанбул, „Газиосман паша“ – Истанбул и „Бамбино гесу“ од Рим.
„Фондот сака да укаже дека за жал, лекувањето во странство не секогаш е гаранција за успешност и излекување. Во последните 12 месеци непосакуван крај на лекување имало и во други европски земји каде што биле испратени осигурениците на лекување, меѓу кои и Германија и Италија“, се вели во соопштението од ФЗОМ.
Понудата од „Бамбино гесу“ била 158.000 евра, од „Газиосман паша“ понудиле цена од 145.000 евра, а од „Медикал парк“ само 92.000 евра. Извесно е дека оваа понуда не ги опфаќала сите трошоци што би произлегле од лекувањето на Ева. Дончев кажа дека ФЗОМ не ја прифатил најевтината, туку ја избрал средно скапата понуда.
Откако второстепената комисија го потврдило решението на првостепената комисија девојчето да се лекува во турската болница „Газиосман паша“, семејството покренало постапка пред Управниот суд.



Минатата година, барање до ФЗОМ за лекување во странство поднеле 327 осигуреници. Им било одобрено на 219 од нив. Вкупно 68 барања биле одбиени затоа што комисиите сметале дека не се исцрпени можностите за лекување во Македонија или не постоеле можности за успешно лекување на заболувањето во странство. Најчеста земја во која ФЗО ги испраќа осигурениците е Турција – во 2105, 2016 и 2017 година таму се пратени 164 осигуреници. За истиот период, во Германија заминале двојно помалку, односно 82 лица кои морале да се лекуваат надвор. Лани ФЗО донел 130 решенија за лекување во странство како итни случаи.
„Осигурениците за лекување во странство најмногу се упатуваат во Турција каде што се извршуваат неврохируршки интервенции, интервенции од областа на Клиниката ТОАРИЛ и УЦ. Осигурениците што имаат покомплексни заболувања се испраќаат најчесто во западноевропските земји кои имаат пософистицирана технологија и високо ниво на стручност неопходно за лекување на овие осигуреници“, пишува во извештајот.
Сунчица Стојановска Зоксимовска