Обвинетите останале гладни пред судење

Адвокатката на дел од обвинетите за 27 април, кои се наоѓаат во притвор, се пожали дека обвинетите доаѓаат од затворот во Шутка гладни и дека од затворот не им праќаат ниту храна ниту вода.
Таа ја повика судијката Добрила Кацарска да го запази достоинството на обвинетите. Кацарска, пак, ја прекина и рече дека е многу нетрпелива. Таа се обратила до затворот и ѝ било кажано дека не им било спакувано јадење на притворениците бидејќи било жешко, и тоа било поради нивна безбедност. Сепак, судијката вети дека повторно ќе контактира со директорот на затворот и порача дека таа дава максимални напори за да се обезбедат сите услови на судењето, особено за обвинетите.
Сепак, судијката не толерира никакво непочитување на редот во судницата. Го опомена режисерот Борис Дамовски да биде посериозен и да не се смее, но и за тоа што џвака мастика во судница.
„Или плукнете ја мастиката или голтнете ја“, му порача Кацарска.