„Скопје 2014“ потона во мрак


Еден час, почнувајќи од 20.30 часот, Калето, Камени мост, плоштад „Македонија“ со спомениците, зградите од „Скопје 2014“ и мостовите останаа без струја. Напојувањето со електрична енергија беше исклучено свесно, со што Град Скопје се вклучи во глобалната акција „Часот на планетата Земја“.

На плоштадот „Македонија“ заедно со волонтерите на Црвениот крст беше испишано логото на акцијата 60+ со петстотини свеќи. Во еколошкиот мрак, поддржано од ЕВН Македонија, акустичен концерт одржа младата пејачка Теа Трајковска, а присутните посетители имаа можност да добијат флуоресцентна алка и флуоресцентен цртеж на своето лице.

Македонија деветта година по ред се вклучува во одбележувањето на најголемата светска еколошка акција „Часот на планетата Земја“ кога во 20.30 часот по локално време, во период од еден час, во мрак потонуваат над 180 земји и 7.000 града низ светот.

Како што акцијата патува низ часовните зони, милиони луѓе преку симболично исклучување на осветлувањето во период од еден час ќе испратат порака за спас на планетата Земја, за борба против климатските промени и за подигнување на јавната свест за проблемот поврзан со намалување на биодиверзитетот.