Нухиу: Чавков ми рече дека во Собранието се случува народ

Со сведочење на градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш во Кривичниот суд продолжи судењето на обвинетите за настаните во Собранието на Македонија на 27 април минатата година. Дудуш рече дека се сеќава оти на 27 април бил на галеријата во прес-салата во Собранието кога влегла поголема група демонстранти кои извикувале „ќе бидете убиени”. Надвор пред прес-салата го препознал Игор Дурловски. Мислел дека никој жив нема да излезе од салата и сите се плашеле за нивните животи.
На прашање на бранителот Еленко Миланов каде го видел Дурловски, тој рече дека го видел пред салата каде што се одвивало насилството и дека кога се симнувал на скалите пред да биде евакуиран, три лица го нападнале, а според него, Дурловски ги навел на тоа, но оти не може да тврди со сигурност.
По Курто Дудуш, за случувањата во Собранието, сведочеше новинарката Душица Мрѓа. Таа рече дека се сеќава оти на 27 април била во Собранието од 11 часот и дека тој ден бил поразличен од претходните седници со тоа што зборувал Зоран Заев и по неговото обраќање се вжештила атмосферата, бидејќи најавил тека ќе биде избран Талат Џафери за претседател на законодавниот дом. Во прес-центарот гледале во живо преку екраните како поголема толпа луѓе влегуваат во Собранието. Пратениците во прес-салата биле нервозни и ѕвонеле на телефони. Таа во живо пренесувала преку „Фејсбук“ за случувањата од внатре. Го прашала Талат Џафери дали е безбедно за животот на новинарите, тој и рекол дека институциите ќе си ја завршат работата како што треба.
Кога влегла толпата, според неа, целта им била Зоран Заев, Талат Џафери и Зијадин Села. Им се заканувале дека ќе ги убијат, дека се предавници и „шиптари“. Во еден момент состојбата ескалирала и почнало да се удира по секого, дури и по новинарите по што го добила и првиот удар. Препознала и нејзини соседи, од кои едниот ја поттурнал, а другиот ја предупредил да излезе, бидејќи ќе биде опасно. Забележала како Села излегува сам и како го опколиле повеќе луѓе и почнале да го тепаат. Села го удирале шест до осум луѓе директно во глава по што бил целиот во крв, посочи Мрѓа.
Потоа му дојде редот на заменик-министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу, кој во своето сведочење истакна дека неколку пати се обидел да стапи во контакт со тогашниот директор на БЈБ, Митко Чавков, но не му кревал слушалка.
„Тој ден бев службено во Куманово, а попладне се вратив дома во Слатино. Пред 18 часот на телефон ми се јави заменик директорот на БЈБ и ме праша дали следам што се случува во Собранието. Веднаш потоа му пуштив порака на Чавков и тоа во 17.58 часот со следнава содржина: ‘Директоре, дали ги следите дебатите во Собранието? Има ли можност да ескалира ситуацијата?’. Во 18.03 часот добив одговор: ‘Нема можност, засега се е под контрола’. По една минута добив нова порака: ‘Надвор нема проблеми’, му одговорил Чавков на Нухиу.
Тој, како што рече, во 19.25 часот стигнал во оперативниот штаб каде што на дежурниот на штабот, Душко Лазаров, му рекол да даде наредба за евакуација.
„Тој излегуваше и комуницираше, ама не знам со кого. Го прашував за планот на оперативниот штаб, но според моја лична оценка имаше резерва кога ги барав плановите и кога барав мерки за евакуација, сведочеше Нухиу.
Сведокот додаде дека во 20 часот во оперативниот штаб пристигнал Чавков.
„Го прашав дали видел што го прашав по порака, тој ми одговори: ‘Што ако ме прашуваше’”, се присети Нухиу, при што додаде дека Чавков бил агресивен, а потоа му се свртел и му рекол: „Народ се случува”.

Обвинетите во случајот за настаните од 27 април се товарат за терористичко загрозување на уставниот поредок. Тие пред судот кажаа дека го разбираат обвинението, но не се чувствуваат за виновни.
На обвинителната клупа се Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, Митко Чавков, Митко Пешовски, Душко Лазаров, Горан Јошевски-Леви, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Сашко Марковски, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски-Бетмен, Владо Јовановски, Игор Дурловски, Стефан Младеновски, Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Младен Додевски, Јане Ченто, Горанче Ангеловски, Игор Југ, Илија Славески, Влатко Трајков, Вилијам Михајловски, Никола Митревски-Кољо, Александар Василевски-Нинџа и Митре Питроповски.