Нурсултан Назарбаев си поднесе оставка, човекот кој 30 години владееше како крал со Казахстан

Нурсултан Назарбаев кој денеска си поднесе неочекувана оставка, го водеше Казахстан цели три децении, а се наметна како автократ кој на обвинувањата за деспотизам се правдаше со фактот дека ја води најнапредната економија во централна Азија.

78-годишниот Назарбаев ја започна кариерата како металуршки работник и напредуваше во советски Казахстан за во 1989 година да стане прв секретар на локалната Комунистичка партија.

Во 1991 година на изборите, на кои беше единствен кандидат, беше избран за претседател и од тогаш цврсто се држеше на власт. Победуваше на четири последователни избори со најмалку 80 проценти од гласовите, а на оние во 2015 година со дури 97,7 проценти. И покрај неоспорната популарност, никогаш не организираше слободни избори, велат од OESS.

Во 2011 година го отфрли предлогот на парламентот да организира референдум кој би му овозможил да остане претседател до 2020 година, за потоа да изјави дека е подготвен да остане на власт на неодредено време.

„Подготвен сум да работам се додека можам, додека здравјето тоа ми го дозволува“, изјави Назарбаев.

Типичен советски апартчик, Нурсултан Назарбаев, како и другите локални челници, ја промени „кошулата“ по падот на СССР во 1991 година кога Казахстан стана независна држава.

Се преобрати кон капитализмот и малку по малку на меѓународната сцена ја позиционираше својата огромна пустинска република која се протега меѓу Русија и кина, богата со јаглеводороди и руди.

Без оглед на својата автократија, Казахстан во 2010 година го доби претседателствувањето со Организацијата за безбедност и соработка во Европа (OESS) бидејќи Назарбаев водеше „мултивекторална надворешна политика“, според официјалната терминологија, и се спријатели со Москва, Пекинг и Вашингтон.

Успеа да ја постави земјата на дипломатската мапа на светот и беше домаќин на мировните преговори за Сирија во 2017 година на кои учествуваа Иран, Турција и Русија.

За одржување на таа рамнотежа Назарбаев прагматично ги користеше огромните резерви на јаглеводороди, одобрувајќи отстапки за нафта и нафтоводи и на едните и на другите и остовремено со закани ги штитеше казахстанските интереси.

Резултатот беше спектакуларен, до 2008 година Казахстан забележа деценија со 10 проценти годишен раст.

Од 2014 година земјата пати поради патот на јаглеводородите, што предизвика социјални движења кои го присилија претседателот во 2016 година да ја одложи непопуларната аграрна реформа.

Нурсултан Назарбаев потоа кон крајот на февруари ја промени својата влада бидејќи беше незадоволен со економскиот учинок.

На Назарбаев спротивно на неговата волја во 2010 година му беше доделена титулата „Татко на нацијата“ со која одат доживотни овластувања и имунитет. Неколку негови противници загинаа во нејасни околности, некои се во затвор или присилени на егзил, а повеќе опозициски медиуми се забранети откако беа обвинети за тероризам.

Прогоните на опозицијата се зајакнуваат откако во 2011 година во крв беше задушен бунтот на штрајкувачите во нафтената индустрија во Јанаозен, на западот на земјата, кога смртно настрадаа 14 лица.

Како и неговите соседи во централна Азија, Назарбаев наметна култ на личноста. Од Астана, главниот град на земјата од 1997 година, направи екстравагантен град кој би требало да биде одличје на казахстанскиот успех.

Фотографиите од претседателот, кој е сеприсутен на телевизија, секаде се присутни по улиците, како и неговите изјави. Во уставот е претставен како коавтор на националната химна.

Угледот на Назарбаев беше извалкан кон почетокот на 2000 година со корупцискиот скандал за доделување на концесии за нафта.