НОРАД ќе го следи патот на Дедо Мраз, покрај делумната блокада на Владата на САД

САД – Северноамериканската воздушно-космичка воена команда (НОРАД) ќе ја проследи маршрутата на санките на Дедо Мраз и покрај делумниот прекин на активностите на Владата на САД.

Вооружените сили на САД денеска ги информираа децата дека НОРАД ќе им каже кога ќе ги добијат своите подароци на Божик. За настанот се пријавени стотици волонтери во воздухопловната база „Питерсен“ во државата Колорадо. Потребните средства ќе бидат обезбедени од буџетот на Министерството за одбрана на САД, одобрен претходно оваа година.

Утре НОРАД ќе го следи патот на Дедо Мраз по 63. пат. Традицијата датира од 1955 година, кога еден весник објавил реклама со телефонски број на Дедо Мраз. Меѓутоа, бројот бил на Континенталната воздухопловна команда, претходник на НОРАД. И покрај грешката, војниците со задоволство им одговарале на прашањата на децата каде во моментот се наоѓа Дедо Мраз.

Во САД стапи на сила делумна блокада на работата на Владата, по неуспешните преговори на републиканците и демократите и претседателот Доналд Трамп околу тоа Конгресот да додели пет милијарди долари за изградба на ѕид на границата со Мексико.

Откако не беше постигнат договор за буџетот, лидерите на Конгресот и Белата куќа ветија дека ќе ги продолжат преговорите и за време на викендот со цел да се договорат и да заврши блокадата на работата на Владата во пресрет на божиќните празници.

Во петокот на полноќ заврши буџетското финансирање на низа федерални агенции.

Фото: Б. Грданоски