Нов проект на „Браво сине“: Бајки од Македонија за цела година

„Бајки од Македонија за цела година” е новиот проект од јавен интерес на Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ  – „Браво Сине!“ и издавачката куќа „Арс Ламина“ што денес беше промовиран во Скопје. Секоја недела по една бајка или 52 бајки од народното творештво, во прилагодена јазична форма исо модерни илустрации е проектот кој треба да ги приближи новите генерации кон културното наследство од овој простор.

Бајките се избор од собраните народни приказни од Марко Цепенков, Стефан Верковиќ и Танас Вражиновски.

Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво сине!“ обезбеди парична награда од 100.000 денари за креативниот концепт и илустрацииите на младата победничка на конкурсот од минатата година – Катерина Николовска.

Во новата едиција „Бајки од Македонија за цела година“, покрај четирите веќе промовирани бајки од Македонија, ќе се најдат уште 48 нови приказни меѓу кои: „Силјан штркот“, „Цане и ламјата“, „Змејот од Пелистер“, „Принцезата војник“, „Принцезата Ѕвезда и лошата царица“, „Тројцата царски синови и трите јаболкници“ итн.

Ова е четврти заеднички проект на Арс Ламина и Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво сине!“. Во рамките на заедничката соработка, досега се издадени едициите „Бајки од Македонија“, „Басни од Македонија“ и авторската бајка за деца „Мистериозното јајце“ на авторот Оливер Коларевски, кој го напиша текстот и целосно ги изработи илустрациите. Едицијата „Бајки од Македонија“ е преведена на неколку светски јазици, а објавено е и издание со Брајово писмо.