Нов проект за изградба на експресен пат во зоната Визбегово – Стенковец

Премиерот Зоран Заев и претставници на Здружението на приватни стопанственици од индустриската зона Визбегово-Стенковец вечерва на средба во Владата се договориле да се подготви нов проект за експресен пат низ  зона, како решение од заеднички интерес, а општините низ кои минува делницата да изработат нови или да ги усогласат постојните детални урбанистички планови.

Состанокот, информираат од владината прес-служба, бил целосно посветен на отворените прашања кои треба да бидат решени за да почне изградбата на автопатот Блаце – Скопје, како и делницата од клучката кај обиколницата пред влезот во индустриската зона Визбегово, која до крстосницата со булеварот „Словенија“, треба да биде изградена како експресен пат.

– Во насока на целосно разбирање и прифаќање на отворените прашања што ги засегаат стопанствениците, договорено е за новиот екпресен пат да биде подготвен нов проект кој на најмал можен начин ќе влијае на одредени отстапки на имотните парцели на стопанствениците што имаат објекти долж делницата, информираат од владината прес-служба.

Заради безбедносни и други инфраструктурни потреби, договорено е општините Бутел, Карпош и Чучер Сандево, низ кои поминува делницата, или ќе бидат вклучени со другите сервисни патишта и придружна инфраструктурна содржина, во најкус можен рок да пристапат кон изработка детални урбанистички планови, или да подготват измени и дополнувања на веќе постоечките.

Од Владата укажуваат дека интервенциите во ДУП-овите на општините, и делумно и на град Скопје, се неопходни за да се обезбеди законска и врз основа на план, подготовка и реализација на новиот проект за делницата од клучката на обиколницата, низ зоната Визбегово, до улицата „Словенија“.

На состанокот е договорено дека сите овие подготвителни интервенции ќе бидат спроведени со целосна поддршка на Владата на Република Македонија, Министерството за транспорт и врски, и во координација со Градот Скопје.

– Забрзувањето на работите за реализација на автопатското решение од Косово кон Македонија, како и за изградба на експресниот пат, како стратешки инфраструктурни проекти, е од огромно значење за домашните компании кои веќе работат во зоната Визбегово-Стенковец, како и за оние кои покажуваат голем интерес да изградат стопански објекти во оваа зона, наведуваат од Владата.

На состанокот присуствувале и вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, министерот за транспорт Горан Сугарески, како и градоначалниците на Град Скопје и на општина Бутел, Петре Шилегов и Велимир Смилевски