Нов метод: Македонски кардиолози оперираа двајца пациенти од тешка болест на аортата
Двајца пациенти пред неколку дена биле успешно оперирани од тешка болест на аортата, на Клиниката за кардиохирургија, со метод кој првпат се изведува во Македонија.
Интервенцијата ја извеле д-р Петар Ристески, кардиохирург и консултант од Универзитетската клиника во Франкфурт, лидер на тимот, проф. д-р Сашко Јовев, директор на Клиниката за кардиохирургија, д-р Жан Зимбаков, директор на Клиниката за кардиологија и д-р Сузана Дамеска, кардиоанестезиолог.
„Ова оперативно лекување првпат станува достапно во државата. Наша стратегиска определба е носење странски експерти во земјава каде што заедно со нашите стручни лекари се формираат интередисциплинарни тимови и се изведуваат најкомплексни и најмодерни интервенции. Двајцата пациенти имаа тешка и многу опсежна патологија на аортата. Пациентите се оперирани со отворена метода која во еден акт комбинира оперативно и интервентно лекување на аортната болест, при што се решава целосно проблемот само со еден оперативен зафат“, велат од Министерството за здравство.
Со операцијата бил поставен стент во целата торакална аорта и со протеза од истиот е заменет целиот лак на аортата. Хибридните протези се посебно дизајнирани специјално за потребите на пациентите од фабрика за медицински импланти во Германија
Пациентите закрепнуваат и се во стабилна состојба.
Соработката со Клиниката „Јохан Волфгнанг Гете“ во Франкфурт ќе се проширува и во иднина. Владина делегација, во која е и министерот за здравство Венко Филипче, вчера се сретна со професори од оваа клиника, за да договорат соработка во кардиохирургијата и кардиологијата.
– Откако ќе се официјализира соработката, за македонските пациенти ќе овозможиме неопходните кардиохируршки интервенции да ги добиваат на клиниката за кардиохирургија во Скопје. Процедурите ќе ги изведуваат нашите доктори заедно со кардиохирурзите од Универзитетската клиника во Франкфурт. На тој начин, специјалистите кардиохирурзи ќе се дообучуваат и во Македонија ќе добиеме врвни експерти од оваа област – изјави Филипче.
Професорот Томас Валтер, кој 25 години работи како кардиохирург и е директор на одделот за кардиохирургија во болницата во Франкфурт, истакна дека соработката меѓу докторите од различни земји е одлична можност да се разменат искуства.
– Секоја интервенција бара тим од лекари. А тимот може да биде составен од лекари од нашата клиника и од вашата клиника за кардиохирургија во Скопје – рече проф. Валтер.
Првата кардиохируршка интервенција во светот е направена токму на клиниката „Јохан Волфганг Гете“, во Франкфурт, во 1896 година. Таа опфаќа 32 специјализирани клиники, 20 научни институти и има околу четири илјади вработени.
С.С.З.