Ново супер финале: Ѓоковиќ – Надал за титулата во Мелбурн

Австралија- Најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ со фуриозна игра  во полуфиналето на Австралија опен го декласираше младиот Французин Лук Пуј  со 3-0 по сетови  6-0, 6-2 и 6-2, за седмо финале на Грен слемот во Мелбурн.

Противник на Ѓоковиќ во големото финале ќе биде популарниот „Бик од Мајорка“ извонредниот Шпанец Рафаел Надал , за двајцата најдобри светски тенисери ова ќе биде нивниот 53 меч.

Ѓоковиќ води во победи со 27-25, српскиот тенисер доби осум од нивните последни десет меча.

Ова ќе биде само второто финале во Мелбурн меѓу Ѓоковиќ и Надал, во 2012 во епски меч популарниот Ноле по 5 часа и 53 минути врвен тенис  славеше победа со 3-2 по сетови 5:7, 6:4, 6:2, 6:7, 7:5.

Во денешното полуфинале Лук Пуј беше недораснат ривал на најдобриот светски тенисер и не покажа ништо од репертоарот и играта со која стигна до место во елитната четворка на Австралија опен.

Ѓоковиќ го растури младиот Французин и по само 60 минути игра веќе водеше со 2-0 во сетови. Првиот сет Ѓоковиќ го реши за 23 минути со низа од шест освоени гема.

Во сличен ритам најдобриот светски тенисер продолжи и во вториот и третиот сет во кој загуби само 4 гема и на крајот по само 1 час и 22 минути го закажа новиот дуел со Надал во финалето на турнирот во Мелбурн.

Наградниот фонд на Австралија опен изнесува 44,7 милиони долари.