Ново обвинување за сексуално малтретирање против судијата Кавано

САД – Судијата Брет Кавано, предложен од претседателот Доналд Трамп како кандидат за Врховниот суд на САД, се соочи со ново обвинение за сексуално малтретирање во младоста.

Новинарот Ронан Фароу, син на актерката Миа Фароу и Вуди Ален или Френк Синатра, кој прв ги објави обвинувањата за сексуално малтретирање против моќниот продуцент Харви Вајнстин, вчера го објави сведоштвото на жена која студирала во универзитетот Јеил со судијата Кавано. Дебра Рамирез тврди дека Кавано се соблекол пред неа за време на пијана забава. Списанието „Њујоркер“, каде Фароу ја објави сторијата, потенцира дека ниту еден друг учесник на забавата не можел да го потврди тврдењето на Рамирез.

Таа е втората жена која го обвинува Кавано за малтретирање, откако поранешна соученичка од средношколските денови Кристин Блејзи Форд го обвини дека се обидел да ја силува. Форд треба да сведочи пред Сенатот во текот на неделава. Обвинувања најави и адвокатот Мајк Авенати, кој ја застапува порно – актерката Сторми Даниелс, која спиела со претседателот Трамп. Авенати тврди дека застапува трета жена која го обвинува Кавано.

Кавано е судија кој работел како правен застапник во процесот против претседателот Бил Клинтон, кој се соочи со низа сексуални афери, а подоцна работел и како советник на претседателот Џорџ Буш помладиот. Тој е номиниран да го преземе местото на судијата Ентони Кенеди во Врховниот суд и доколку биде именуван се очекува десната опција да добие мнозинство во судот кој честопати го има клучниот збор во споровите околу применливоста на контроверзни закони во САД. Се очекува именувањето или запирањето на номинацијата на судијата Кавано да биде една од клучните теми на претстојните конгресни избори во САД.