Новото тело со различна функција од Советот за реформи во правосудството

Советот за следење на имплементацијата на Стратегијата во правосудството со кој ќе претседава премиерот Зоран Заев е сосема ново тело со различна функција од веќе формираниот Совет за реформи во правосудството, појасни денеска владиниот портпарол Миле Бошњаковски.

По денешниот редовен брифинг со новинарите, Бошњаковски изјави дека не се работи за недоверба во досегашниот Совет за реформи, туку за формирање на сосема ново тело кое треба да ја следи имплементацијата на веќе донесената Стратегија.

– Се работи за суштинска разлика во процеси. Имаме работна група која креира нешто и имаме друг тип на тело е мониторира нешто. Новото тело ќе ја следи имплементацијата на Стратегијата за правосудство, појасни Бошњаковски.

Тој нагласи дека членовите на Советот за реформи во правосудството успешно ја сработиле својата работа, а каква ќе биде функцијата на ова тело во иднина, како што рече, е дискреционо право на министерот, односно во која форма тоа ќе продолжи да работи.

Во однос на тоа зошто премиерот Заев ќе претседава со ова тело и дали тоа значи недоверба во министерот за правда, портпаролот Бошњаковски рече дека не се работи за недоверба, туку дека со ваквиот потег реформите во правосудството се издигнуваат на едно повисоко ниво.

– Реформите во правосудството се едни од суштинските во Планот 3-6-9 и едни од суштинските по извештаите на Прибе. Сега го издигнуваме значењето и политичкиот аспект на реформите на едно повисоко ниво, односно на ниво на Влада. Сега одиме кон суштинска имплементација на реформите, потенцира Бошњаковски.

До крајот на јануари ќе треба да бидат познати членовите на новото тело.