Нови 22 компании се подготвуваат за влез во Македонија

Вкупно 22 странски инвеститори планираат да инвестираат во Македонија. Ова во интервјуто за „Независен весник“ го најави премиерот Зоран Заев. По катастрофалната година кога имавме рекордно низок прилив на странски капитал, премиерот е оптимист дека ќе има позитивно поместување на состојбите.

– Политиките на актуелната влада веќе привлекуваат и многу странски инвестиции, така што 22 компании се подготвени да инвестираат во Македонија. Ова ќе значи отворање илјадници работни места, зголемување на БДП – изјави премиерот Заев.
Според него, дополнителен поттик ќе дадат и мерките од планот за економски раст во буџетот со кој се предвидени околу 50 милиони евра за годинава.

Народната банка на Македонија објави катастрофални податоци за приливот на странски капитал во првите три квартали лани од само 45,6 милиони евра, што е најниско ниво во последните десет години. Статистиката на Народната банка покажува дека само во септември минатата година инвестициите биле во минус од 54,1 милиони евра, а во август е регистриран одлив од 9,7 милиони евра.Позитивно салдо на странските инвестиции имало во јули кога е регистриран прилив на странски капитал од 6,1 милиони евра.Споредено со истиот период од 2016 година, странските директни инвестиции се помали дури за 145,6 милиони евра.

Податоците, пак, на Дирекцијата за зони покажуваат дека странските компании што работат во зоните минатата година го зголемиле извозот за околу 30 отсто.Очекувањата се дека оваа година, според најавените планови за инвестиции и реинвестирање, извозот од зоните дополнително да расте.

– По објавувањето на планот за економски раст, забележан е зголемен интерес за нови инвестиции на компании со домашен и странски капитал. Одредени проекти се во различни фази на реализација, што укажува на раздвижување на инвестициската активност на компаниите, стабилизација на деловната и политичка клима и услови за поинтензивен економски раст на Македонија во 2018 година – велат од Дирекцијата за зони.

Во последниот квартал од 2017 година поставен е камен-темелник на турската компанија „Чагатај кабло“, за производство на жици и кабли, а потпишани се и инвестициски договори со турската компанија „Мурат Тиџарет“, која ќе произведува кабли и електрични инсталации,како и со германската компанија „Кеслер“ за производство на електромотори.

Според информациите од Дирекцијата, во моментов се при крај преговорите со една странска компанија која се очекува во брзо време да ја донесе одлуката за инвестирање, по што ќе биде потпишан договор помеѓу раководството на компанијата и Владата.

Македонската компанија „Хај-тек“ и германската компанија „Џерман електро системс“ според најавите се очекува да започнат со работа на почетокот на 2018 година, додека италијанската компанија МСА е во финална фаза на изградба на новата фабрика.

Александра Спасевска