Новиот видеопристап на Мицкоски

Економијата тоне, граѓаните осиромашуваат, БДП е околу нула, девизните резерви опаѓаат, имаме за 100 милиони евра помалку странски инвестиции… предупреди вчера лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, од својот кабинет во партиското седиште. Најави средби и со тројцата европратеници: Кукан, Вајгл и Флекештајн. Речиси истовремено, најголемата опозициска партија лиферуваше соопштение во кое се наведува дека дејствијата на власта на СДСМ и нејзината досегашна работа не се во согласност со европските вредности. Во „белиот дворец“ беа одржани и две последователни прес-конференции на кои Александар Нацев и Горан Манојловски реагираа што до недоглед се одложуваат рочиштата против премиерот Зоран Заев, односно за неспособноста на локалната власт, која не успеа да се справи со десет сантиметри снег.

Соопштенијата и средбите со новинари подолг период се секојдневие во најголемата опозициска партија, но новина е тоа што новиот претседател го смени начинот на комуникација, па од пред неколку дена има видеообраќања за актуелни теми. Стручњаците за ПР-стратегија сметаат дека станува збор за добар маркетиншки потег, но дека, сепак, на тој начин е изгубена можноста за директен контакт со новинарите и за дообјаснувањето на ставовите. Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека видеообраќањата се само дополнување на комуникацијата со медиумите и со граѓаните, а Мицкоски продолжува да биде достапен.

ПР-експертот Гоце Пачемски вели дека новата практика на Мицкоски е современ начин на комуникација. Објаснува дека последните истражувања во ИТ-секторот покажуваат дека комуникацијата преку интернет е поефикасна доколку се користат мултимедијалните содржини, пред сѐ видеата и фотографиите.

Луѓето сакаат таквите содржини да ги гледаат на своите мобилни телефони, особено ако се кратки и едноставни. Доколку тоа било причината, тогаш е во корелација со тие истражувања. Меѓутоа, точниот мотив не го знам, па поради тоа треба да се каже оти класичните прес-конференции, сепак, имаат други предности. Новинарите можат да добијат одговори на прашањата што ги интересираат, да постават потпрашања, да стекнат впечаток што сакал авторот да каже, а има и неформалната комуникација… Со видеообраќањата се елиминира тој однос и се губи значителен контакт, шанса да се дообјаснат работите, оти едно е кога е во живо, а друго преку компјутер“, анализира Пачемски.Според него, „средбите“ преку компјутер се како казна и за тој што ја планира комуникацијата, бидејќи не може да воспостави близок контакт со новинарите.

Значи, има и позитивни и негативни страни. Не верувам дека во ВМРО-ДПМНЕ сакале да избегнат нешто, затоа што кога сте во опозиција полесно е да контактирате со новинарите и со медиумите. Кога сте на власт, сакате да избегнете незгодни прашања“, констатира Пачемски.

Лидерот ќе се обраќа преку видеа секогаш кога ќе почувствува дека има потреба, односно тема што го окупира вниманието на јавноста. Тој не е пратеник и не е носител на функција, поради што не е во секојдневна комуникација со медиумите. Сметаме дека ваквиот начин на обраќање ќе придонесе во искажувањето на нашите ставови. Но, тоа не значи дека нема да излегува на прес-конференции и нема да има директен контакт со граѓаните и со новинарите“, објаснуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Комуниколозите објаснуваат дека политичарите ја сфатиле моќта на интернетот, но предупредуваат оти тоа нема да им донесе многу поени, а само една мала грешка може да ги сврти гласачите против нив. Како еден од најтипичните примери на интернет-кампања во историјата на светската политика што одиграла клучна улога во одредувањето изборен победник се споменува битката за американски претседател во 2008 година. Релативно непознатиот Барак Обама го победи противкандидатот Џон Мекејн, базирајќи ја кампањата на слоганот: „Што би ме мотивирало да гласам?“ Целата кампања ја пренесе на својата интернет-страница. Ангажираните волонтери имаа задача да донесат нови симпатизери, кои ќе ја „лајкнат“ неговата страница или, пак, да привлечат донатори. Иако во тоа време Фејсбук не беше толку популарен, Обама знаеше да ги искористи неговите предности, па редовно објавуваше настани, дискусии и објави, но и мноштво од видеа, па дури и упатства како да се гласа. На Твитер имаше четири пати поголем број следбеници, а на Јутјуб продуцираше дури шест пати повеќе видеа од својот противкандидат. Обама ги изненади и милионите корисници на видеоигрите, каде што се појавуваше негова реклама. Интересно, истата стратегија му била понудена и на Мекејн, но неговиот маркетиншки тим го одбил тоа сметајќи дека нема да има ефект.

Горан Адамовски