Новинарката Александра Велинова е заштитно лице на 8. Саем на венчавки во Скопје: Секоја невеста треба да се чувствува како принцеза

Новинарката и презентерка на вестите на ТВ „Нова“, Александра Велинова, е годинешно заштитно лице на 8. Саем на венчавки во Скопје, кој викендов се одржува во хотелот „Александар палас“. Таа е и долгогодишна водителка во МТВ и во ТВ „Алфа“. Авторка е на книгите „Од дното на душата“, „Стапки во пустина“, „Како ги заработив првите пари“, „Бидејќи сум дете“ (книга за деца) и еден од авторите на популарната „Македонска илустрирана енциклопедија за деца“.

Која е темата годинава?

– Темата на годинешниот Саем за венчавки е „Во светот на дизни-принцезите“, бидејќи секоја невеста на денот на свадбата треба да се чувствува како принцеза , а најубавите бајки за принцези се на „Дизни“.

Кој лик ќе бидеш како заштитно лице на Саемот?

– Јас како домаќинка на овој гламурозен настан ќе бидам Пепелашка. Се подготвуваат три специјални креации и специјални чевлички за Пепелашка.

Дали можеш да ни откриеш кои јавни личности ќе облечат венчаници на отворањето?

– На овој саем продефилирале многу јавни личности: актери/ки, спортисти, пејачки, водителки… И оваа година до последен ден ги држат во тајност, но колку што успеав да дознаам и оваа година во венчаница ќе ги видиме водителката Марјана Станојковска, пејачките Зои Блаж, Викторија Лоба, Јана Бурческа…

Саемот годинава одбележува осма година од постоењето. Во што е тајната на неговиот успех и посетеност?

– Тајната на успехот е во креативноста, идејата, тоа што секоја година е поразличен од претходната и по учеството на различни модели (јавни личности) кои го будат љубопитството, нови креации кои го најавуваат трендот пролет-лето, но и по сценографијата соодветна на темата. Годинава ќе има свадбени декорации од мраз, замок од мраз.

Што нуди годинава Саемот?

– Посетителите ќе имаат можност да погледнат сè за нивната свадбена прослава, од венчаници, до декорации, осветлување, фотостудија, ресторани… Новитет во програмата е шопинг-картичката која можете да ја добиете бесплатно доколку аплицирате најдоцна до 21 февруари преку електронската адреса contact@vobelo.mk.

Ти си сопруга и мајка. Како изгледаше твојата свадба и каква венчаница избра?

– Мојата свадба изгледаше спротивно на она што го замислував како девојче од венчаницата до целиот концепт свадба. Од краток фустан и мала свадба излезе долг фустан и голема свадба, ама сите бевме среќни и задоволни, од организаторите до гостите. Венчаницата имаше цветни дезени кои дискретно ѕиркаа од под тулот кој се влечеше.

Кои се твоите планови за понатаму?

– Далеку од тоа дека не треба да се има концепт за животот, но и многу планирање не е убаво. Знаете како викаат, „Додека вие планирате, некој од горе…“ Така се пропушта моментот, уживањето во овде и сега. Така што во моментов планирам дека вечерва Стефан треба да го носам на пливање, после тоа треба да се видиме со драги пријатели, а ако ме прашувате за оние долгорочните, романот ми „виси“ над глава, ама сѐ некако литературава за деца го остава на стенд-бај дали поради инспирацијата од Стефан кого јас го учам на правила во животот, а тој мене на убавините и уметноста на живеењето. (Л. С.)