Новата влада на Австрија ја признава историската одговорност на земјата за нацистичките злосторства

Австрија планира да изгради меморијал во поранешен нацистички логор, соопшти новата влада, откако Израел објави дека ќе ги ограничи дипломатските контакти со владиниот кабинет во Виена.

Меморијалот за 10 илјадни Евреи од Виена, ликвидирани во нацистичкиот логор Тростанец во близина белоруската престолнина Минск, е „јасен однос кон историската одговорност на Австрија и соучесништво” во Холокаустот, изјави австрискиот канцелар Себастијан Курц по првата седница на коалицискиот кабинет во кој учествува и крајно- десничарската Партијата на слободата.

Партијата на слободата е основана од поранешни нацисти по Втората светска војна, а нејзините претставници, вклучувајќи го водачот и заменик- канцелар Хајнц-Кристијан Штрахе, имале контакти со екстремистички десничарски групи.

До 80-тите години на минатиот век Австрија се гледаше себеси повеќе како на жртва на анексија од нацистичка Германија, отколку како на соучесник. Оттогаш, владите направија големи напори да се справат со темното наследство од минатото.

Владината програма предвидува доделување на двојно државјанство на потомците на австриските жртви на националсоцијализмот. Курц во интервју синоќа потврди дека тоа може да засегне 200.000 луѓе, но додаде дека веројатно сите потомци нема да ја искористат оваа можност.

Курц ги објави овие иницијативи откако израелското Министерство за надворешни работи соопшти вчера дека ќе ги бојкотира министрите на Партијата на слободата. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху наложи „професионална ревизија за тоа како Израел ќе се однесува кон новата австриска влада”, соопшти министерството.