Николов: Рудниците успешно ќе ја завршат 2017 година

Тековната 2017 година главно завршува успешно за рударскиот сектор и нема значителен пад на производството иако турбуленциите во политиката имаа свој одраз, оцени денеска Николајчо Николов, претседателот на Македонската асоцијација на рударството (МАР) при Стопанската комора на Македонија.

За рудникот Бучим 2017 година, нагласи, можеби ќе биде една од најуспешните во постоењето.

– Очекуваме да оствариме нето добивка од околу 19 милиони евра што ни дава можност за нејзино реинвестирање во отворање на нови рудници. На пат сме да го отвориме новиот рудник Боров Дол што ќе ни овозможи континуитет на работа во наредните 20-тина години, изјави Николов прд почетокот на седницата на МАР на која се расправаше за состојбите во рударството.

Значително инвестирање, нагласи, има и кај другите рудници.

– Злетово и Тораница веќе работат и тие ќе го подобрат вкупниот биланс на работењето во стопанскиот сектор. Жалосно е што не работи Фени Индустри, бидејќи отидоа во стечај, а нивниот рудник е од поодамна затворен. Тоа влијае на вкупното работење на рударскиот сектор, но сепак сум оптимист дека 2017 година ќе ја завршиме успешно и успешно ќе влеземе со работа и во наредната година, потенцира Николов.

Рударството, како што кажа, во вкупното индустриско производство учествува со 9,5 до 10 проценти, а во БДП со околу еден процент, но, сепак, рударскиот сектор има значително учество во македонскиот извоз.

Порача дека на рударството му е потребна помош од Владата за да си го заземе местото што му припаѓа во текот на наредната година, бидејќи, како што кажа, се најде во ситуација невладини организации и здруженија да шират многу невистини за секторот.

– Затоа треба да седнеме заедно со невладините организации и да видиме дали ние како рударски сектор треба да се корегираме и што треба да направиме за да работиме поуспешно или да се корегираат тие што многу лесно даваат изјави дека сме рудници на смртта, посочи Николов.