Николовски во Доха: Искуствата на Катар ќе најдат примена во македонското земјоделство

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски и главниот извршен директор на „Катар Инвестмент Ауторити“, Абдула бин Мохамед бин Сауд Ал Тани на средба во Катар разговараа за конкретни проекти во земјоделството, значајни за развој на македонскиот аграр, соопшти денеска македонското Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство.

На покана на министерот Николовски, информираат од МЗШВ, извршниот директор на „Катар Инвестмент Ауторити“, најави дека многу скоро ќе дојде во посета на Македонија.

Николовски, кој е во официјална посета на Катар, вчера во катарското Министерство за животна средина надлежно за секторот за земјоделство, се сретнал со шеикот Фалех бин Насер Ал Тани. На средбата биле презентирани искуствата и технологиите на Катар во земјоделството, кои би можеле да се применат за развој на македонското земјоделство.

На средба, пак, со неговиот домаќин, министерот за локална самоуправа и животна средина Шеик Ал Румаихи, се потенцирани можностите за развој и инвестиции во земјоделството, како и идните чекори за унапредување на трговската соработка.

Претходно, министерот Николовски, имаше средба со државниот министер за надворешни работи на Катар, Султан Ал Мураикхи, на која разговараа за билатералните односи на двете земји, како и за идните чекори за унапредување на соработката, со посебен акцент на трговската соработка меѓу двете земји.

Македонскиот министер се сретна и со заменик- главниот извршен директор на катарскиот државен фонд за инвестиции „ Хасад Фуд“, Ал Кувари, на која што биле претставени низа можности од интерес на катарската страна, а се од особено значење за развој на македонскиот рурален сектор, како и можноста за извоз на македонски земјоделски производи во Катар, соопшти МЗШВ.