Не останал исправен велосипед за проектот „Изнајми велосипед“?

Нема абер од почеток на проектот „Изнајми велосипед“ на ЈП „Градски паркинг“, иако во ова време од годината тој вообичаено функционира. Во изминативе седум години, откако тој се спроведува со цел за промоција на велосипедот како алтернативно превозно средство, на 1 април скопјани веќе можеа да ја користат можноста за 10 денари од час да користат градски велосипед. Истовремено, на плоштад ги нема ниту петте електромобили што се користеа за туристичко разгледување на градот, како и 10 електровелосипеди.

Неофицијално, речиси да не останал исправен велосипед од стотината што го сочинуваа возниот парк, па тоа било причината за доцнење на проектот. Во подобра состојба не биле ниту електромобилите и електровелосипедите. Наводно, целиот возен парк сѐ уште се сервисира и допрва ќе се утврдува точната бројка на исправни велосипеди што ќе можат да се понудат на користење.

Од „Градски паркинг“ не добивме објаснување што всушност се случува со проектот, зошто доцни, точно ли е дека немаат исправни велосипеди и електромобили. Два дена директорот Борче Јакимовски не одговараше на нашите повици.Од Град Скопје накусо ни кажаа дека проектот не е прекинат. Напротив, ќе се реализирал и годинава, но веројатно доцнел поради нестабилните временски услови во изминатиов период.

Инаку, јавна тајна изминативе години беше дека проектот е нерентабилен и дека претпријатието мака мачи со покривање на трошоците за одржување на возниот парк, бидејќи сѐ почесто граѓаните ги враќале велосипедите неисправни, па дури и десетици беа украдени. Но, и покрај тоа, градските власти и претпријатието не го прекинуваа проектот, туку  секоја година од градскиот буџет се издвојуваа наменски средства за негово одржување. Најголем дел од парите се трошеа за сервисирање на велосипедите.Во меѓувреме, со градски пари се купија и пет електромобили и 10 електровелосипеди, кои се вклучија во проектот. Последниве можеа да се изнајмуваат на плоштадот, а обичните велосипеди од неколку пункта на претпријатието низ градов каде што всушност има затворени паркиралишта со кои стопанисува „Градски паркинг“. Велосипедите можеа да се изнајмат и од катната гаража „Македонска фаланга“. Еден час користење градски велосипед чинеше 10 денари, а електромобил 100 денари.

Деспина Трајковска-Димова