Нејмар: Се уште не сум во целост подготвен

Ѕвездата на бразилската фудбалска репрезентација, Нејмар де Силва Сантос Јуниор, изјави дека се уште во целост не е заздравен од повредата на стапалото, иако Светското првенство во Русија ќе започне за нешто повеќе од две седмици.

Фудбалерот на Пари Сен Жермен се повреди во февруари и оттогаш воопшто нема настапено на ниту еден натпревар.

Претходно беше најавено дека 26-годишниот фудбалер ќе биде подготвен за пријателскиот натпревар меѓу Бразил и Хрватска на трети јуни, но сега и тоа е неизвесно.

– Не сум 100 процентно подготвен. Чувствувам нелагодност при правењето на одредени движења. Постои и доза на страв бидејќи три месеци сум надвор од теренот, но тоа нема да ме спречи. Има уште време до почетокот на Мундијалот, ќе направам се за да бидам подготвен, изјави Нејмар.

Бразил на Светското првенство во Русија се наоѓа во групата Е заедно со Швајцарија, Србија и Костарика.