Нема расположение за замрзнување на референдум

Двајцата нови уставни судии Осман Кадриу и Дарко Костадиновски, кои беа избрани на предлог на претседателот Ѓорѓе Иванов не се согласуваат со предлогот за стопирање на активностите околу референдумот и поведување постапка за оцена на уставноста на одлуката за негово распишување. Тој предлог го даде судијката Елена Гошева, како известител за трите иницијативи со кои се оспорува одлуката за распишување на референдумот. Наспроти нејзината оценка дека референдумското прашање е „стапица”, а консултативниот карактер на референдумот е недозволиво за ваква проблематика, Кадриу и Костадиновски сметаат дека одлуката за референдумот е во согласност со Уставот и Законот за референдум. Седницата на Уставен суд за иницијативите на СМК и на Левица против рефендумската одлука е во тек. Од вкупно деветмина членови, досега само судиите Гошева, Кадриу и Костадиновски ги соопштија своите ставови. Моментно зборува судијата Насер Ајдари, чија дискусија оди исто така во насока поддршка на одлуката за референдумот. (А.М.М.)