Нема правда – нема мир


Александра М. Митевска

Премиерот Зоран Заев ќе го проветрува кабинетот! Оваа негова најава соопштувана последвателно во последните неколку дена, можеби, за кратко го дефокусира вниманието на јавноста, која, пред неколку месеци, со големи очекувања, ја прослави смената на власта, односно етаблирањето на СДСМ во неа – практично под паролата „нема правда – нема мир“. Тоа, на некој начин, беше ветување до тогаш опозициски настроените граѓани дека брзо ќе оди разврската на сите корупциско-криминални скандали што го разнишаа децениското и своевремено неприкосновено владеење на ВМРО-ДПМНЕ, особено оние што одекнаа како „бомби“ од „Бихаќска“, а што Специјалното јавно обвинителство беше спречувано да ги процесуира додека не се случи пресвртот на „Илинденска“.

Околу осум месеци подоцна, тие големи очекувања пукаат како меури од сапуница, додека расчистувањето со случаите што произлегоа од прислушувањето е сведено засега на интригантната (или иритантната) условна затворка казна за една новинарка за „шопинг“ на луксузна долна облека, поточно за затајување данок. За разлика од тоа, судењата за повеќето други предмети, со кои се опфатени многу покрупни „ѕверки“ од некогашниот вмровски естаблишмент постојано или се одложуваат или се презакажуваат. Во таква ситуација, единствена сатисфакција за јавноста е можеби тоа што поранешниот премиер Никола Груевски, како и некои од неговите некогаш најблиски соработници, речиси секојдневно парадираат низ судниците на Кривичниот суд во Скопје. Затоа, пак, обвиненијата против нив тапкаат во место, додека наследникот на Груевски во партискиот „бел дворец“, почна и преку видео снимки да ја обвинува Владата за политички реваншизам и за непочитување на пресумпцијата на невиност – нешто што неговите претходници обилно го користеа и на дело го покажуваа во изминатите 11 годени додека владееја во Македонија.

Всушност, сосема легитимно е Христијан Мицкоски, како нов лидер на ВМРО-ДПМНЕ, да ги користи сите можни комуникациски канали за општење со граѓаните. Меѓутоа, пожелно би било да воспостави и директна комуникација со Заев, кој секојдневно ја повикува опозицијата да се вклучи во донесувањето на реформските закони, меѓу кои приоритет се и оние кои предвидуваат крупни промени во правосудството, па и оние кои треба да ги тргнат „лисиците“ од рацете на СЈО – во однос на подигнувањето нови обвиненија или заштитата на сведоци. Не мора Мицковски да патува низ светските метрополи за да им се жали на дипломатите на владеењето на Заев, ниту да чека тие да дојдат да го притискаат да се врати во парламентот. Сето тоа лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ може да си го кажат и во Скопје – очи в очи, пред да почнат да ги усогласуваат реформите во правосудството, бидејќи декларативно и двајцата се согласни дека во таа сфера се неопходни крупни промени.

Неможноста да го контролира судство, како посебна и независна власт, која во времето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ доби епитет „сваровски“, Заев сега се обидува да го амортизира со формирање разни совети и комисии за реформи, па дури и со вклучување во нив на некогаш озлогласени министри за правда и претседатели на судови од таборот на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа секако не беше дел од очекувањата на граѓаните кои гласаа да дојде „живот“ во Македонија! Напротив, едно од ветувањата на некогаш опозицискиот лидер Заев беше и тоа за генерален реизбор на судии. Таа идеја сега е очигледно далеку од реализација!
И далеку од тоа дека премиерот и Владата треба да се мешаат во работата на судството или на обвинителството. Оваа влада мора да ја прекине практиката на интервенционизам во другата власт за која се изнаслушавме во некогаш опозициските бомби. Сепак, Владата, како предлагач на законите, барем може да најде начин да го забрза процесот на реформирање на судството, вклучително со одредени кадровски интервенции во него што може да ги изведе парламентарното мнозинство.

Во спротивно, оваа владејачка гарнитура и натаму ќе мора да соочува со изневерените очекувања на нејзините верни поддржувачи во тешките опозициски денови. И тоа незадоволство сѐ потешко ќе се амортизира со бомбастични најави под наслов „реконструкција на Владата“ – независно дали таа ќе се прави за да се поправат некои грешки во владеењето или за да се прошири мнозинството во Собранието.
Додека не видат правда во реалноста, тешко ќе се смират сите оние кои ја поддржуваа СДСМ како опозиција, а сега се кртични кон дел од нејзините политики како владејачка партија. Сѐ дотогаш ќе врти замислениот бројчаник во главите на гласачите, во очекување дека во центарот на главниот град навистина да биде поставен и бројчаникот што Заев некогаш го најавуваше за тоа како ќе се враќаат украдените пари на граѓаните.