Нема лабаво ни со Кристијанштад

Ако се слушаат спортските обложувалници, Вардар е апсолутен фаворит во мечот против шведскиот првак Кристијанштад. За победа на нашиот тим, се добиваат мизерни 1.09 на секој вложен денар. Таа улога мора да биде потврдена на теренот во Спортскиот центар „Јане Сандански“ денеска од 17:30 часот.

Двете екипи досега се сретнаа шестпати и во сите натпревари победи македонскиот шампион. На последниот во ноември 2017 година беше остварена и највисоката победа од 31-15. Последните три сезони постојано се во иста група со Кристијанштад.

Новата сезона Вардар ја започна со триумф на гости кај Монпелје, а Кристијанштад загуби на домашен терен од Мешков. Шведскиот првак никогаш не бил лесен противник, без оглед на сите победи.

Го заборавивме натпреварот против Монпелје. Не сакаме да гледаме назад и секој меч е важен за нас. Сакаме да победиме на овој натпревар и се соочуваме со тим кој има искуство од неколку години со настапи во Лигата на шампионите. Тоа е екипа која игра различен ракомет со многу брза игра, контранапади, висок интензитет. Ако падне концентрацијата, тогаш нема назад и затоа мора да играме концентрирано. Ние го сфаќаме противникот сериозно и ќе се обидеме да го одиграме натпреварот на исто ниво од прва до последна минута“, вели Тимур Дибиров.

Средбата против Кристијанштад е прва за македонскиот тим сезонава пред домашна публика во Лигата на шампионите. На трите досегашни средби, сите од СЕХА лигата на домашен терен беа совладани – Металург, Железничар и Стеауа.

Првпат играме во Лигата на шампионите на домашен терен сезонава и затоа овој меч е многу важен за нас. Фокусирани сме на овој натпревар и очекувам во сите 60 минути да одиграме на исто ниво и да дојдеме до нови бодови. Вуко Борозан не играше на дуелот од СЕХА. Сега се работи за натпревар од Лигата на шампионите, па Вуко ќе биде во составот“, изјави Роберто Парондо, тренерот на Вардар.

Другиот македонски тим, Металург, в недела од 17 часот го пречекува Бешикташ. Скопјани лошо ја отворија сезоната, во првиот меч од Лигата на шампионите убедливо загубија во Лисабон од Спортинг, а по четири натпревари од СЕХА имаат биланс од еден нерешен резултат и три порази.

 Конечно сме комплетни, работиме добро. Моите очекувања се дека ќе победиме, ќе се обидеме да пружиме добар натпревар, но не само 30 минути како на претходните натпревари. Имаме и ротација, која ни недостасуваше на претходните дуели. Со помош на публиката, со добра и паметна игра во напад, мислам дека можеме да стигнеме до добар резултат“, изјави тренерот Данило Брестовац.