Некои општини би презеле споменици од „Скопје 2014“, проблем е што се незаконски поставени

Министерот за култура Асаф Адеми изјави дека работната група за „Скопје 2014’ непрекинато работи и заклучоците ги доставува до Владата која ќе одлучи за натамошно постапување. Соработуваат, рече, и со Специјалното јавно обвинителство за постапки што тоа ги има отворено.

– Работната група на „Скопје 2014“ работи со полна пареа и за некои од објектите кои се предмет на разгледување веќе има заклучоци кои се делегирани до Владата. Се очекува Владата да донесе заклучоци за понатамошно постапување. Во однос на СЈО, тоа веќе има отворено некои постапки. Ние сме целосно во соработка со нив и сите документи што ги побаруваат, ние ги обезбедуваме, одговори на новинарско прашање министерот Адеми кој денеска ја отвори првата дебата за Предлог-законот за остварување јавен интерес во културата.

Во однос на „Скопје 2014“, советникот на министерот за култура,  Златко Теодосиевски, изјави дека сега разгледуваат неколку споменици за кои има интерес од општините, посочувајќи ги Велес и Охрид.

– Има неколку општини коишто сакаат, евентуално, да ги преземат тие споменици и, ако размислите рационално, тие таму и припаѓаат. Но повторно, останува проблемот во процедурите затоа што тие споменици се незаконски поставени. А ако се незаконски поставени за Скопје, незаконски се и за Велес или Охрид. Мислам дека ќе предложиме Собранието да ја преземе работата и да донесе одлука, зашто тоа е единствено надлежно за тој тип споменици, рече Теодосиевски.

Фото: Б. Грданоски