Независните пратеници сега го поддржуваат СЈО: Треба да продолжи со работа

По двете неуспешни средби, работните тимови на власта и опозицијата денеска ќе направат нов обид да се постигне согласност за законот за јавното обвинителство, во кој е инкорпорирано и СЈО.Двете страни, иако инсистираат на своите ставови, велат дека разговорите не се пропаднати. ВМРО-ДПМНЕ завчера до Министерството за правда и меѓународната заедница доставило 65 амандмани.

Со амандманите, ВМРО-ДПМНЕ бара формирање комисија за да истражи како досега се потрошени 15 милиони евра наменети за СЈО, бидејќи имале индиции дека некои од нив не биле трошени законски, а Мицкоски на дуелот тврдеше дека нема намера да штити криминалци.

„Ставот на независните пратеници во врска со СЈО е дека ова обвинителство треба да продолжи со работа. Имаме наши забелешки за законот и тие ќе ги доставиме кога ќе се отвори дебата. Исто така мислиме дека треба да има консензус околу ова прашање од сите политички субјекти“, велат од „одметнатите“ од ВМРО-ДПМНЕ за „Независен весник“.

Нивните гласови и овојпат, како и за договорот за името, ќе бидат исклучително важни во обидот на власта да обезбеди двотретинско мнозинство за СЈО, доколку пропаднат преговорите со опозицијата.