Недостатокот на хигиеничари во училиштата ги загрижува родителите

Во дел од училиштата има хроничен недостиг на хигиеничари, проблем што за родителите претставува секојдневна главоболка, ама и за училиштата. Плашејќи се за здравјето на своите деца, бидејќи токму недоволната хигиена придонесува за заразни болести, родители бучно бараат да се реши овој сериозен проблем што се одолговлекува со години. Едно од училиштата каде што недостигаат хигиеничари е „Ѓорѓија Пулевски“ во Општина Аеродром каде што во петокот од Државниот санитарен и здравствен инспекторат биле во вонредна контрола да проверат дали има случаи на заболени од свински грип, откако бил пријавено ваков случај во инспекторатот. Констатирале дека немало заболено дете од свински грип, туку дека станувало збор за опструктивен бронхитис, но при надзорот направиле целосна контрола и на тоалетите.

„Извршен е вонреден надзор од ДЗСИ во петокот, направена е целосна контрола во училиштето, при што констатирано е дека хигиената е на задоволително ниво. Изречени се мерки за дезинфекција, механичко чистење и провертување“, рече директорката на инспекторатот Ирина Сотирова-Бухова. Сепак, родителите ги загрижува што од ДСЗИ биле констатирани пропусти во хигиената и нејзиното одржување во училиштето.

„Веќе три години сум член на родителски совет. Бучно разговараме на темата хигиена. Основен проблем е што недостига кадар за одржување на хигиената и тој проблем е многу сериозен. Ќе предложам да се свика родителски совет со единствена точка – хигиената во училиштето. Размислуваме да го поканиме на состанокот и градоначалникот на Општина Аеродром“, рече татко на ученик во петто одделение во „Ѓорѓија Пулевски“.

„Мора како родители да извршиме притисок. Со добра волја сè се решава. Не гледам поважни обврски од основното – хигиената, која треба да биде на највисоко ниво. Болестите се резултат на недоволна хигиена и таа е неопходна“, додаде Марија, мајка на ученичка од деветто одделение во училиштето.

Директорот на училиштето Марјан Јовановски, кој е само еден месец на раководната функција, вели дека во училиштето се вработени пет хигиеничари на цело работно време и една на половина работно време. Објаснува дека, согласно квадратурата на училиштето, треба да бидат ангажирани девет хигиеничари, поради што е побарана согласност од Општина Аеродром за вработување уште хигиеничари, но поради предизборниот период им укажале дека сега не се можни нови вработувања. Побарувања за ваков кадар имало и пред Јованоски да дојде на функција. Сега од Општината двајца сезонски хигиеничари работат во училиштето, но ова не е долгорочно решение.

„Во училиштето има 13 тоалети, а имаме 992 ученици. Бидејќи е предизборен период и не можат да се вработуваат нови работници и кадри кои недостигаат, Општината Аеродром излезе во пресрет и ни даде две хигиеничарки на помош, сезонски работници. Иако треба да имаме девет вработени според квадратурата, сега со двете кои ни доаѓаат на помош имаме седум хигиеничарки плус уште една пријавена на половина работно време. Ова не е трајно решение туку привремено. Побарана е согласност за вработување на хигиеничарки од Општината, се надевам дека по изборите ќе бидат одобрени“, рече Јовановски.

Неодамнешното истражување на Здружението млади аналитичари и истражувачи (ЗМАИ) покажа дека во 29 основни и подрачни основни училишта нема тоалети, а станува збор за такви во кои учат вкупно 1.335 ученици. Проблем има и тоа што недостигаат машини за чистење подови, кои не ги поседуваат дури 246 основни и 486 подрачни училишта. Меѓу нив се училиштата во Арачиново, Босилово, Валандово. Инфраструктурно најразвиени основни училишта се во општините Карпош и Центар, а најслабо развиени се Чешиново-Облешево, Пласница. ЗМАИ ги скенираше состојбите во 799 основни и подрачни училишта во Македонија.

Вероника Мароска-Леова