Недела на полски филмови во Кинотека на Македонија


Од 4 до 9 мај во Кинотека на Македонија ќе се прикажуваат шест полски филма, а во исто време ќе бидат изложени и полски постери.

Првиот филм кој ќе биде прикажан е „Ноќен воз“ во режија на Јежи Кавалерович. Филмот е од 1959 година, црно-бел и во траење од 99 минути.

Во втората прокеција следниот просторот е резервиран за „Ракописот од Сарагоса“ режиран од Војчек Хас. Снимката е црно-бела и трае 175 минути.

На 6 мај ќе биде прикажан „Ветената земја“ од Анджеј Вајда, во траење од 179 минути снимен во колор во 1975 година.

Понеделникот на 7 мај е резервиран за Роман Полански и неговиот филм „Нож во вода“, 94-минутниот црно-бел филм кој премиерно е прикажан во 1962 година.

Последните два дена од неделата на полски филмови се резервирани за режисерот Кшиштоф Кешловски, во вторник ќе може да го погледнете „Краток филм за љубовта“ во времетраење од 86 минути, во колор. Следниот ден ќе биде прикажан „Краток филм за убивањето“, 84 минути во колор. И двата филма се реализирани во 1988 година.

Во освртот кон овие режисерски имиња и нивнните дела, нашиот филмски критичар и новирар Стојан синадинов запишува:

„Изборот на овие пет автори од втората половина на минатиот век сигурно може да се надгради и со нивни други дела, како и со други автори. Но, тоа е како да правите избор на играчи за репрезентацијата на светот во фудбал: никој нема да биде задоволен ако тоа не е токму негов избор, но да не се лажеме, сите ќе уживаат да ја гледаат таа репрезентација.
Какви „играчи“ беа Анджеј Вајда, Јежи Кавалерович, Војчек Хас, Роман Полански и Кшиштоф Кешловски? Секој посебен, сите заедно творци на колективниот ракопис на една ера која, како што гледаме денес, нема пандан во европската и светска кинематографија. Иако снимаа филмови во ригиден идеолошки систем, успеваа да создадат посебна естетика, надвор од кампусот на важечкиот државен соцреалистички курс. Но, nota bene, и поинаков од тн. емигрантска култура, чии протагонисти беа личности кои пребегнале на Запад“

Сите проекции ќе започнуваат во 20 часот.