Невладините организации се подготвуваат за престојниот Саем

Невладините организации ги вршат последните подготовки за престојниот НВО Саем, кој ќе се оддржи на 6 декември во просториите на Младинскиот културен центар. Работниот наслов на саемот, кој што го организира Волонтерски центар Скопје, а во соработка и со поддршка на Град Скопје, е: „Активно граѓанство = подобро општество“. Одбраниот датум за одржување на саемот е во насока и на одбележување на 5-ти Декември, меѓународниот ден на волонтерството.
„На саемот е предвидено своја презентација, во форма на штанд, да имаат здруженија или фондации што се регистрирани на територија на Град Скопје, но, истотака, и организации или фондации што не се регистрирани во Скопје, но дел од своите активности ги спроведуваат за бенефит на граѓаните на Скопје“, вели Ѓоко Вукановски, координатор на НВО саемот.
За подобро вмрежување на присутните здруженија, предвидени се три тематски мини – форуми, преку кои организациите ќе имаат можност подобро да се запознаат со активностите на други сродни здруженија, односно ќе имаат прилика да дискутираат за идеи околу понатамошна соработка.
Своето учество досега го потврдиле шеесетина невладини организации.  Крајниот рок за пријавување на учесниците е во понеделник. Заинтересираните треба да пополнат апликацијата (Пријава за учество на НВО САЕМ “Активно граѓанство = Подобро Општество”), а сите останати информации можат да ги пронајдат на „Фејсбук“ страницата (https://www.facebook.com/events/1903614173000258/) или на телефонскиот број 078/374-719.