На 20 ноември продолжува рочиштето за убиството на Никола Саздовски

Обвинетите Бесим Беља и Скендер Демири немале умисла да го убијат Никола Саздовски, туку сакале само да го истепаат, истакна денска после првото рочиште за убиството на Саздовски, бранителот на еден од обвинетите Насер Рауфи. Според него, обвинението кое претходно беше квалификувано како насилство, поради протестите на навивачката група „Комити“, дошло до преквалификација убиство.

Адвокатот на семејството на Саздовски, Ванчо Шехтански, рече дека максимално ги користат сите овластувања според ЗКП и дека се задоволни од денешниот исказ на сведокот, малолетничката В.Б.

-Задоволни сме од денешниот тек и од исказот на сведокот. Констатацијата во однос на шпекулациите што се јавија дека повредата е настаната при пад од удар, се демантира во исказот, децидно и јасно, рече Шехрански.

Нагласи дека со оглед на тоа што настанот траел повеќе од минута во континуитет, Саздовски примил повеќе удари кои што довеле до кривичното дело кое се става на товар.

Претходно обвинетите Беља и Демири пред судечкиот совет се изјаснија дека не се чувствуваа виновни за убиство на свиреп начин на Саздовски.

Доказната постапка почна со сведочење на Тони Саздовски, татко на убиениот Никола. Тој пред судот рече дека се приклучува кон кривичниот прогон.

По него почна да сведочи малолетничката В.Б., која беше видно вознемирена. Таа стави капа на главата и кажа дека добивала закани преку телефон и на училиште од непознати лица. Судењето продолжи без присуство на новинарите и смејствата на Саздовски и на обвинетите.

Следното рочиште, судијката Даниела Алексовска-Стојановска го закажа за 20 ноември кога ќе продолжи со искази на нови сведоци.