На танцовиот натпревар „Икс Денс 2018“: Награди за Македонија, Британија и за Русија

Виолета Карајанова од Македонија и Ендрју Кук од Велика Британија (класичен балет, дуо)  и ансамблот „Акварели“ од Тарко-Сале, Русија (естраден танц) ги добија наградите Гран при на танцовиот натпревар  „ИКС ДЕНС 2018“.

На меѓународниот настан кој се одржа во во МОБ, учествуваа  балетски уметници и танчари од Русија, Италија, Турција, Украина, Велкика Британија, Македонија.

Меѓународното жири ги оценуваше учесниците во повеќе танцови дисциплини и возрасни категории. Меѓу лауреатите беа: класичен балет – Шатохина Софија и Гривнина Аљона  од Русија, Григоренко Јулиана и Јурченко Марија од Украина,  Бојан Димовски  од Македонија, ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“, Скопје, класа на Маја Митровска Богојевска и на Сања Шутевска. Во естраден танц триумфираше Образовниот кореографски ансамбл „Акварели“ од  Русија како најдобро дуо, квартет, соло и ансамбл, а меѓу наградените се и Сорокина Марина (Русија), Денс студио МАК (Македонија).

Во дисциплината современ танц, награда добија ученици од  ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“, Скопје, класа на Александра Кочовска Начева, Тимченко Данил (Русија), Ивана Коцутар и Лука Облак (Словенија), Антонија Димитријевска (Македонија), Софија Ореснина и балетот Рапало (Италија).

Покрај наградата Гран при, победниците  добија и парична награда од 1000 долари.

Како специјална награда на ИКС ДЕНС 2018,  Колеџот за кореографија во Киев, Украина, додели две целосни едногодишни  стипендии (школување и сместување). Стипендиите ги добија младите балетски уметници, Бојан Димовски и Мартина Димовска од ДМБУЦ „Илија Николовски Луј” од Скопје.