На сметка за струја од 1.000 денари ќе се заштеди еден денар

Цената на електричната енергија за потрошувачите во Македонија се намалува минимално за 0,1 отсто, или заштедата на една сметка од 1.000 денари ќе биде еден денар. Пониската цена ќе важи од 1 јули годинава, соопшти вчера Регулаторната комисија за енергетика. Минималното намалување, според регулаторите, се должи на воведувањето на евтината тарифа два часа во денот и по 22 часот навечер, од септември минатата година, соопшти претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, кое не е влезено во ланските пресметки на регулаторите. Тој посочи дека воведувањето евтина тарифа ја зголеми потрошувачката на домаќинствата во тој период од денот, а ја намали во времетраењето на поскапата тарифа. Тоа, според Бислимоски, ги намали приходите на ЕВН.

„Во 2017 година пресметката на Регулаторната комисија беше правена во периодот пред да се донесе одлука за воведување на евтината тарифа, што значи дека актуелната пресметка е прва по оваа промена. Од идната година таа нема да предизвикува никакви влијанија, бидејќи сега се испеглани сите разлики“, рече Бислимоски. Тој посочи дека, според пресметките, домаќинствата со воведувањето на евтината тарифа веќе добиваат пониски месечни сметки за електрична енергија од четири до пет отсто.

Бислимоски информираше дека цената на ЕЛЕМ за производство на електрична енергија се намалува за 3,39 проценти, поради што се намалени трошоците во рудниците. Годинава се пријавени 78,5 милиони евра трошоци, додека лани биле пријавени 90 милиони како трошоци, а се реализирале 20 милиони помалку, односно само 70 милиони евра. Цената на МЕПСО за пренос на електрична енергија се намалува за 5,34 проценти, а главна причина е што компанијата лани остварила повисоки приходи во однос на одобрените.

РКЕ во пресметките за МЕПСО не го применила целосниот фактор на корекција туку само 40 отсто, додека другите 6 милиони евра од вишокот приходи се оставаат за наредните години, со цел и во иднина да не се предизвикуваат ценовни трошоци.

Кај ЕВН Македонија цената за дистрибуција на струјата се зголемува за 2,59 отсто, бидејќи трошоците за набавка на електрична енергија за покривање на загубите во 2017 година се за 4,6 милиони евра повисоки од одобрените. Исто така, трошоците за покривање на загубите во мрежа годинава се зголемени за 10 милиони евра во споредба со лани. Бислимоски најави дека либерализацијата на пазарот на електрична енергија ќе стартува во март идната година, кога и граѓаните, покрај фирмите, ќе можат на слободен пазар да изберат како ќе се снабдуваат со струја.

Комисијата најави и намалување на цената на приклучоците за електрична енергија. Бислимоски потврди дека е направена анализа која покажала дека постои простор за намалување на овој трошок. Во идниот период ЕВН ќе поднесе нови мрежни правила за дистрибуција со кои ќе се поедностави процедурата за приклучување. Врз основа на нив, РКЕ ќе понуди нови пониски цени, но Бислимоски не прецизираше колкаво ќе биде тоа намалување.

„Стандарден приклучок во општини каде што има детален урбанистички план (ДУП) чини околу 30.000 денари. Во општините каде што нема ДУП, цената се пресметува врз основа на трошоците и е многу повисока. Сега ќе направиме поедноставување на процедурата за приклучување и цената ќе биде пониска“, е став на Регулаторната комисија за енергетика.

Сања Наумовска