На преминот Богородица запленети 130 килограми марихуана

Царинските службеници од граничниот премин Богородица при контрола на товарно моторно возило со албански регистарски ознаки открија 130 килограми  марихуана, соопшти Царинската управа.

Во средата во 3 часот наутро, на граничниот премин Богородица на излез од Република Македонија, се појавило товарно моторно возило со албански регистарски ознаки, управувано од С.Р. (37) државјанин на Република Албанија. На прашањето на царинскиот службеник дали има нешто да пријави за царинска контрола, возачот одговорил дека возилото што го управува е празно и дека патува од Албанија преку Македонија за Турција, каде треба да утовари стока. Царинските службеници се посомневале и направиле контрола на возилото, при што во дрвените странични даски што ја држат церадата од полуприколката, во специјално изработен простор во внатрешноста на даските, пронашле вкупно 323 пакувања завиткани со прозирна најлонска фолија, наполнети со марихуана, со вкупна тежина од 130 килограми.

Вредноста на запленетата дрога на црниот пазар при продажба на мало би изнесувала  390 илјади евра. Возачот добил кривична пријава за сторено кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги психотропни супстанции и прекурсори“ а Основниот суд во Велес му одредил мерка притвор во траење од 30 дена

Од почетокот на годинава, Царината во пет случаи запленила вкупно 472 килограми марихуана. Претходно, на 28 јануари на граничниот премин Богородица, на влез во Република Македонија биле запленети 310 килограми марихуана.