На Миле му зуеле ушите и забрзано му чукало срцето оти им паѓала поддршката во Прилеп

Поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески на првиот дел од денешното рочиште за случајот „Титаник“ во кој обвинети се дваесетина функционери од поранешното раководство на ВМРО- ДПМНЕ, беше главна ѕвезда.
Во еден ден, на 30 мај, една недела пред изборите во 2011 година Јанакиески се слушнал со десетици луѓе за да изврши притисок и тогашната владејачка партија да освои што повеќе пратеници.
Јанакиески наредува да се затворат дуќани во циганското маало во Струмица: „Ќе им речеш ќе му ја скршам кичмата, комуџар“, „Измисли нешто, кажи дека брашното е канцерогено“, вели Јанакиески.
Тој наредува во Гевгелија сите вработени во администрацијата да не одат на работа се до почетокот на изборите, односно да одат од врата на врата и да ги убедуваат граѓаните да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ.
Тој дури му наредува на градоначалникот на Валандова да му забрани на наставник по физичко да оди на работа.
„На Ѓорѓи Митрев по физичко да му забраниш до избори да оди на работа. До недела да го нема на работа. Треба да оди од врата до врата по гласови”, наредува Миле.
Во разговорите партиски наредби добива и сегашниот претседател на Државната изборна комисија, Оливер Деркоски, односно да ги организира партиските членови да, до девет часо да излезат тие да гласаат, до десет нивните роднини, а до 12 часот сите вработеи.
Деркоски кој сега треба да ги организира изборите вели дека не се сеќава дали ги исполнил наредбите на Јанакиески кој исто така му порачува да залепи плакати за сателитската партија СДПМ, за да се збунат гласачи на СДСМ.
Она што најмногу го изнервира Јанакиески е тоа што анкетите на Институтот за политички истражувања на Владимир Божиновски, пред изборите покажуваат дека паѓа поддршката на ВМРО – ДПМНЕ во Прилеп, неговиот роден град.
„Ме попари. Ушите ми зујат, срцето ми тропа. Најмногу се работи таму. Ај да купев зграда во Прилеп или со мерцедес или џип да се возев, па да падне толку рејтингот, вака нема логика“, вели Јанакиески.
Божиновски го теши дека можеби е направена некоја грешка и дека ќе ја повтори анкетата.
„И јас се изнервирав. Сега оваа недела најјако што можете“, му вели Божиновски на Јанакиески.
Соговорник во еден од разговорите му вели на Јанакиески,„немаш смисла за хумор, прав вмровец си станал“. (Ф.Ф.С.)